ЕК бара начин да го спречи штетното влијание на социјалните мрежи врз демократијата

Последниот извештај на Заедничкиот истражувачки центар (ЗИЦ) на Европската Комисија (ЕК) покажува дека демократските столбови на ЕУ се „под притисок“ на
влијанието на социјалните мрежи врз политичките ставови и однесувања, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Поларизацијата на политичките дебати под влијание на алгоритмите на социјалните мрежи ги загрижува европските власти.

Според најновото истражување на ЗИЦ, ова го загрозува демократскиот карактер на
европските општества, иако социјалните мрежи играат важна улога за поголема видливост на малцинските и ранливите групи.

Речиси половина од Европејците ги користат секојдневно социјалните мрежи, кои станаа и клучен извор на информирање.

Авторите на извештајот идентификуваат четири „точки на притисок“ или предизвици поврзани за користењето на социјалните мрежи кои не се предмет на доволен демократски надзор.

Првиот предизвик е „економијата на внимание“, што значи дека интересот или вниманието на корисникот им се продаваат како производ на приватни компании кои потоа прават сѐ за да го задржат тоа внимание користејќи алгоритми со кои се таргетираат корисниците.

Па така, алгоритмот на Јутјуб, кои ги бира видеата кои смета дека ќе го интересираат корисникот, претставуваат седумдесет отсто од времето на гледање поминато на оваа платформа.

Според извештајот постојат докази дека алгоритмот на Јутјуб сѐ повеќе нуди „екстремистички“ содржини.

Слично е и со Фејсбук, чиј алгоритам може, врз основа на 300 „лајкови“ да ја предвиди личноста на корисникот со „поголема прецизност од самиот животен партнер на корисникот“, се наведува во извештајот.

Ова ги загрижува авторите на истражувањето поради тоа што ова микротаргетирање на Фејсбук има потенцијал „значително“ да го поткопа демократскиот дискурс.

Другата точка на притисок се техниките на социјалните платформи кои ги охрабруваат корисниците да се посветат и да споделуваат содржини, поради што станува сѐ потешко за корисниците да ги напуштат мрежите. Се истакнува усто така дека онлајн корисниците најчесто не се запознаени со податоци кои ги генерираат, произведуваат и споделуваат, ниту знаат кои лични податоци им се собираат и чуваат.

Третата точка која загрижува е што алгоритмите кои ја „бираат“ содржината што ја гледа корисникот се толку комплексни што и самите информатичари имаат тешкотии да ги објаснат, што предизвикува проблем во однос на транспарентноста и отчетноста.

Според извештајот, ризикот е што корисникот е „претерано“ изложен на
поларизирачка и контроверзна содржина, а недоволно изложен на информативна и „помалку емотивна“ содржина.

Конечно, четвртата точка на притисок идентификувана во извештајот се таканаречените „лажни вести“.

Според психолошките студии, луѓето имаат природна тенденција да се ориентираат кон негативни вести.

Вок омбинација со алгоритми кои промовираат висока ангажираност и емотивност, платформите значајно можат да придонесат кон ширење на дезинформации или неточни информации.

За Европската Комисија, наодите од овој извештај треба да послужат во креирањето на идните политики во ЕУ.

„Овој извештај ги карактеризира предизвиците и приложува конкретни докази за да ни помогне да ги преземеме правилните чекори за заштита на партиципативна, демократска иднина во полза на сите европски граѓани, изјави евркомесарката за наука“, Марија Габриел.