ЕК: Земја членка не смее да се меша во внатрешната политика на други држави

Европската Комисија потсети денеска дека земјите членки под ниеден услов не смеат да се мешаат во домашните работи на други земји, членки на ЕУ или не, одговарајќи на прашање на дописничката на МИА за изјавите на бугарскиот претседател.

Повеќе од 120.000 граѓани на Република Северна Македонија се и граѓани на Република Бугарија, врз основа на нивнa изрично изразена волја и на претставени објективни документи за потекло. Други десетици илјади го чекаат својот бугарски пасош и очекуваме таа реалност да биде отсликана и при пребројувањето на населението во Република Северна Македонија, изјави Радев.

Портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант, не сакаше да одговори специфично за случајот со Северна Македонија, но потсети на принципиелната позиција на Европската Комисија.

-Никогаш не е прифатливо една земја да и диктира било што на друга земја, рече Спинант, и додаде дека во случајот со пописот во Северна Македонија доколку станува збор за методолошки прашања, Европската Комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро.

Спинант истакна дека претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера од самитот во Брдо, уште еднаш побара надминување на овој билатерален спор за да можат да започнат преговорите помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

-Сакаме да се реши ова билатерално прашање поради кое Бугарија не прифаќа одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, рече портпаролката.

Фон дер Лајен вчера се сретна со премиерот Заев и бугарскиот претседател Радев во присуство на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и словенечкиот премиер, Јанез Јанша.

-Тоа беше темата, да им се даде поттик на двете земји, за нас е многу важно да се изнајде решение за да не се одложи процесот, не коментираме затоа што разговорите меѓу двете страни продолжуваат, вели портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант.