ЕК: Расте загриженоста поради развојот на ситуацијата во Црна Гора

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро Хернандес изјави дека постои зголемена загриженост поради развојот на ситуацијата во Црна Гора.

Таа потсети дека слободата на собирање е основно право на ЕУ, но дека тоа право истовремено треба да се применува без штети за јавното здравје и со целосна почит кон владеењето на правото, јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Црна Гора.

„Секоја употреба на сила мора да биде одмерена и пропорционална во секој момент.

Повикуваме на воздржаност и очекуваме сите надлежни органи соодветно да истражат и обезбедат ефикасно судско процесуирање на сите случаи на насилство, како против демонстрантите, така и против полицајците, истакна портпаролката на ЕК.

Митрополитот црногорско-приморски Јоаникије беше устоличен вчера во манастирот на Цетиње, и покрај силното противење и протестите на голем број граѓани, предводени од Демократската партија на социјалистите на претседателот Мило Ѓукановиќ.

Поради блокада на патиштата кон Цетиње, свештениците со хеликоптер беа префрлени во манастирот, а потоа на ист начин се вратија во Подгорица.

Демонстрантите ја нападнаа полицијата со камења, а таа одговори со солзавец.

Поради напад на полицијата уапсен е и советникот на црногорскиот претседател, Веселин Вељовиќ.