ЕК: Стапка од 96 проценти усогласеност на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ

LinkSense.mk

Македонија продолжува да биде умерено подготвена во делот на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, се оценува во Извештајот на ЕК за напредокот на земјата за 2021 година, при што се нагласува дека усогласеност со одлуките на ЕУ и Европскиот совет е 96 проценти.

Постигнат е одреден напредок во периодот на известување, со зголемено усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и учество во мисиите и операциите на ЕУ за управување со кризи. Во наредната година, земјата треба особено да се посвети на дополнително подобрување на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Имено, се наведува дека продолжил редовниот политички дијалог за прашања од надворешната и безбедносната политика меѓу ЕУ и земјата, воспоставена е институционалната рамка која овозможува учество на земјата во заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП).

– Во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), стапката на усогласеност на земјата со релевантните изјави на високиот претставник во име на одлуките на ЕУ и Советот беше 96 проценти заклучно со август 2021 година (во споредба со 92 отсто во 2019 година и 94 отсто во 2020 година). Ова покажува позитивен тренд, како одраз на изборот на стратешката ориентација на земјата. Додека земјата продолжува да не се усогласува со рестриктивните мерки против Русија поврзани со ситуацијата во Украина, таа се усогласи во март 2021 година со оние поврзани со сериозни прекршувања на човековите права во Русија и Алексеј Навални, стои во Извештајот.

Северна Македонија, понатаму стои во Извештајот, одржува билатерален договор за имунитет со Соединетите Држави, со кој на американските граѓани им се даваат исклучоци од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. Притоа, земјата не ги почитува заедничките ставови на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут или соодветните водечки принципи на ЕУ за билатерални договори за имунитет.

Во однос на непролиферацијата, меѓу другото се наведува дека земјата продолжи со имплементацијата на Регионалниот патоказ за 2018 година за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и негова муниција во Западен Балкан.

Во делот на соработката со меѓународните организации се издвојува дека земјата го обезбеди претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, во ноември 2020 година, стана 13. членка на Советот за економска соработка на Црното Море (БСЕЦ) и беше копретседавач, со Бугарија, на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес.

Во однос на безбедносните мерки, се нотира дека е во сила законот за класифицирани информации, врз основа на Одлуката на Советот од 2013 година. Донесени се подзаконски акти со кои се регулира инспекцискиот надзор на работата со класифицирани информации како и на личната безбедност. Во февруари 2021 година со Грција е потпишан договор за размена и заемна заштита на доверливи информации.

Земјата, се наведува, продолжи активно да учествува во операциите на ЕУ за управување со кризи во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика, особено во ЕУФОР Алтеа мисијата во Босна и Херцеговина. Од декември 2020 година, се нотира и учествувото во мисијата за воена обука во Централноафриканската Република (EUTM RCA). Во 2021 година, воен персонал учествуваше на воени вежби во Германија и во Грција. Како нов сојузник на НАТО, Северна Македонија одржува присуство во голем број мисии предводени од Алијансата, вклучително и КФОР во Косово. Земјата го повлече својот контингент од мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан заедно со другите држави придонесувачи, а продолжува да учествува во операцијата УНИФИЛ во Либан.

Северна Македонија го ратификуваше техничкиот аранжман меѓу Министерството за одбрана и грчкото Министерство за национална одбрана за заштита на нејзиниот воздушен простор Борбениот информативен регион Скопје (LWSS).

– Земјите членки мора да бидат способни да водат политички дијалози во рамките на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, да се усогласат со изјавите на ЕУ, да учествуваат во акциите на ЕУ и да ги применуваат договорените санкции и рестриктивни мерки, се наведува во Извештајот.

Во врска со хибридните закани, Северна Македонија, се посочува, се вклучи со уште тројца партнери од Западен Балкан во истражувањето за хибридни ризици на ЕУ со цел идентификување на системските ранливости за да се обезбеди помош од Унијата во оние области каде тие се откриени. Националната стратегија за градење отпорност и соочување со хибридни закани (2021-2025) беше финализирана и има за цел да одговори на препораките од Анкетата за хибриден ризик од 2020 година, констатира Извештајот на ЕК.