Епидемиолошката состојба подобрена, зголемен број на КОВИД случаи меѓу учениците

LinkSense.mk

Комисијата за заразни болести вчера ја оцени епидемиолошката состојба во државава како подобрена, но не и добра поради фактот што е зголемен бројот на нови КОВИД случаи меѓу децата од  шест до 14 години. Комисијата апелира до граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт. Засега не се планира укинување на сертификатите за прележан КОВИД-19.

 

-Се забележува намалување на бројот на новооткриени случаи со КОВИД-19, што значи подобрување на епидемиолошката состојба, но, тоа не ни дава за право да кажеме дека е добра епидемиолошката состојба, а за тоа особено не потсетува возрасна група од 6 до 14 години каде што забележуваме зголемување на бројот на нови случаи и тоа се школските деца кои се на настава со физичко присуство, рече вчера претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Од Комисијата информираа дека од вчера во Скопје се закажуваат термини за тестирање за Ковид-19 и на пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар, се со цел да се забрза тестирањето. Со оглед дека бројката на новозаразени меѓу децата до 14 години е зголемена, Петличковски апелира до учениците и до родителите да го прифатат тестирањето.

Во врска со скринингот во Скопје, Петличковски очекува во почетокот на следната недела да имаме првични податоци за серопреваленцата во главниот град. Целта на скринингот е да може да се добијат релевантни податоци за тоа каква е трансмисијата на вирусот во училиштата.

Од Комисијата, меѓу другото, предлагаат факултетите каде наставата не се одвива со физичко присуство туку онлајн, да се насочат кон физичко присуство и повторно да биде поткрепена со вакцинирање кај студентите и кај наставниот кадар.

Сите анализи на здравстевните институции укажуваат дека најголем број од починатите од Ковид-19 биле невакцинирани или примиле две дози пред повеќе од шест месеци.

-Според бројките од 1 до 31 јануари, од 382 починати 233 се невакцинирани, а околу 150 и нешто се вакцинирани, но најголем дел од вакцинираните се вакцинирани пред повеќе од шест месеци и немаат примено трета доза. Околу 30-тина, пак, биле вакцинирани во рок помал од шест месеци, информира Петличковски, кој рече дека нивниот апел за вакцинирање со трета доза најмногу допрел до лица над 70 години.

Тој соопшти дека кумулативниот леталитет (смртност) од Ковид-19, од почетокот на болеста до денес, е три отсто.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ, пак, изјави дека во моментов не може да стане збор за укинување на сертификатите за прележан Ковид-19.

-Во моментот кога ќе има релаксирање на епидемиолошката состојба, кога нема да имаме толку високи бројки ќе може да разговараме и за поинакви мерки кои ќе бидат аплицирани, меѓутоа сега во моментов не може да стане збор за укинување на сертификатите за прележан Ковид-19, истакна Мехмедовиќ.

Посочи дека сертификатите не се во насока на тоа да се спречи трансмисијата, туку да се спречи пренесувањето на вирусот на тие кои го немаат имунитет.

Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 1.269 случаи на КОВИД-19 од направени 4.047 тестови или 31 процент, вкупно евидентирани 25 починати лица и тоа 14 во последните 24 часа и 11 преку системот „Мој термин“, а оздравени 848 пациенти.

Од вкупниот број на позитивни (1.269), регистрирани се 162 реинфекции.

Од вкупниот број на починати лица, кај 23 лица се регистрирани коморбидитети. Нема податоци колку од починатите биле вакцинирани.

Досега во земјата се направени вкупно 1.852.018 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 288 750, на оздравени пациенти е 269 862, на починати е 8 793, а бројот на активни случаи изнесува 10.095.

Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 5924, потоа Битола 470, Куманово 407, Тетово  392, Кавадарци – 354, Прилеп 335, Велес 280, Охрид 243,

Гостивар 219.Во другите градови има под 200 активни случаи.

Во светот досега од КОВИД се заразиле речиси 415 милиони жители, починале повеќе од 5,8 милиони, а оздравеле 337 милиони.

Светската здравствена организација вчера соопшти дека здравствените власти предупредуваат на зголемен број инфекции со коронавирус во Источна Европа.

Во Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Русија и Украина, бројот на новозаразени е двојно зголемен во изминатите две недели.

СЗО апелира да се подобри стапката на вакцинација, која е помала во Источна Европа во споредба со остатокот од континентот.

Помалку од 40 отсто од луѓето постари од 60 години во Бугарија, Босна и Херцеговина, Киргистан, Украина и Узбекистан се целосно вакцинирани.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Парламентот во Белгија вчера даде согласност за нов закон кој предвидува опција за вакцинација во аптеките во Белгија, а лекарите се противат на оваа одлука. Со новиот закон возрасните граѓани ширум Белгија ќе можат директно да добијат доза вакцина против Ковид-19 во аптека. Засега Белгијците се вакцинираат во центри за вакцинација и здравствени установи од различни видови.

Во Франција, почнувајќи од вчера рокот на важност на потврдата за вакцинација против Ковид-19, издадена во оваа држава, се намалува од седум на четири месеци. Тоа значи дека оние кои првично се вакцинирани против Ковид-19 треба да добијат засилувачка доза најмалку четири месеци по првите две дози. Досега, периодот меѓу првите две дози и дополнителната беше седум месеци.Оние кои прележале Ковид-19 по примени две дози вакцина, исто така, се ослободени од дополнителна доза.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера пристигна во Москва, на разговор со рускиот претседател околу деескалација на тензиите на руско – украинската граница, но пред средбата го одби ПЦР тестот, понуден од домаќините.

Наместо руски тест, Шолц одлучи лекар од Германската амбасада да направи ПЦР тест, нешто што е предуслов за влез во Кремљ на состанок со рускиот претседател, Владимир Путин, информираат извори од германската делегација.

И францускиот претседател Емануел Макрон, минатата недела, исто така, одби да се тестира со руски ПЦР тест, пред состанок со Путин.

Затоа, разговорот на Макрон и Путин се одвиваше на маса долга шест метри, како би се запазила физичката дистанца.

Вчера пристигна веста од Турција дека Турчинот Музафер Кајасан е позитивен на коронавирус веќе 14 месеци или 78 последователни тестови.

-Кога првпат се заразил, Музафер (56) мислел дека ќе умре. Дошол до едвај 50 килограми телесна тежина, а бидејќи боледува од леукемија, секое дополнително слабеење на имунитетот му отежнува. Повеќе од една година подоцна, заразата сè уште ја има, но и тој солидно се држи, пишуваат турските медиуми. Сè додека тестовите се позитивни, Музафер не може да се вакцинира.

ИЗВОР: МИА