Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Анкара продолжува да го поддржува мирното решение за сеопфатната руска инвазија на Украина и е подготвена да понуди платформа за соодветни преговори.
Во видеопораката прикажана на самитот „Украина – Југоисточна Европа“, претседателот на Турција нагласи дека неговата земја е подготвена да биде домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина.
„И покрај фактот што влеговме во третата година од целосна војна и покрај сите наши напори, нема доволно напредок кон мирот. Јас сум посветен на тоа, на дипломатијата и на дијалогот да им дадам шанса за да се заврши војната со праведен и траен мир“рече Ердоган во видеопораката.
Ердоган повика заеднички да се работи на „утврдување на општите параметри на мирот“ и изјави дека, во оваа смисла, Анкара начелно го поддржува мировниот предлог на Украина. Ердоган потоа повтори како Турција помогнала во спроведувањето на Црноморската иницијатива за жито, од која Русија се повлече во летото 2023 година.
„Од друга страна, ние сме подготвени повторно да ја понудиме преговарачката маса што претходно ја организиравме во Истанбул за да изградиме мир“,додаде тој.
Москва и Анкара претходно ја најавија посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Турција. Посетата ќе се одржи по претседателските избори во Русија во средината на март. Додека се подготвува посетата на Путин, Европската комисија ја потсети Анкара дека Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател поради неговата улога во депортацијата на украинските деца од окупираните територии.