Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, вчера, официјално објави дека ќе ги премести претседателските и парламентарните избори закажани за јуни, на 14 мај.
Претходно, во средата, изјави дека сака да се одржат избори на тој датум, но ова е негова официјална објава која ја даде на состанокот со младите гласачи во градот Бурса во западна Турција.
Изборите се сметаат за тест за Ердоган, кој е на власт веќе 20 години: тој беше избран за премиер во 2003 година, а претседател е од 2014 година.
Според анкетите, реизборот на Ердоган е сè, само не сигурен. Се очекува тој да освои повеќе гласови на изборите ако тие бидат во мај, затоа што многу религиозни муслимани можеби нема да излезат на гласачките места во јуни, кога има разни празници.
Турскиот претседател се натпреварува за трет мандат, за кој опозицијата тврди дека не е во склад со турскиот Устав. За претседател првпат беше избран во 2014 година, а реизбран во 2018 година. Трета кандидатура се предвидува само доколку парламентот „изнуди“ предвремени избори.
Поддржувачите на Ердоган велат дека тој е избран во 2018 година како прв претседател според новиот претседателски систем после опсежните уставни измени. Неговиот досегашен мандат, според тоа, велат, дека не се смета.
Уставните правници се поделени по ова прашање.
(Фото: ЕПА)