Ерменија: Распишани предвремени парламентарни избори

Ерменскиот премиер Никол Пашињан изјави дека ќе поднесе оставка во април за да може во земјата да се организираат избори.

Во април ќе поднесам оставка, но не за да си одам, туку за да се одржат предвремени парламентарни избори. Во текот на тој период, до изборите, и понатаму ќе останам на должноста премиер“, рече Пашињан на состанокот со жителите на Арагац, во рамки на своето патување во Армавирската област во Ерменија.

Обраќајќи им се на присутните, Пашињан рекол: „Ако ги потврдите нашите овластувања, ќе продолжиме да ви служиме, подобро од порано. Ако не, тогаш ќе ја предадеме власта на оној којшто ќе го изберете.“

Вонредните парламентарни избори во Ерменија закажани се за 20 јуни годинава.

За да го распушти парламентот, ерменскиот премиер мора да поднесе оставка. Ако парламентот два пати не успее да избере нов премиер, тој ќе биде распуштен автоматски, после што ќе се одржат нови парламентарни избори. Новиот премиер го именува парламентарното мнозинство.

Нова политичка криза се распламти во Ерменија после невнимателните изјави на Пашињан за руските системи „Искандер“.

Заменик началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Ерменија, Тиран Хачатурјан, го исмеа премиерот, заради што беше сменет, а набрзо потоа предлог за разрешување доби и началникот на Генералштабот, Оник Гаспарјан.

Вооружените сили после ова издадоа соопштение во кое побараа оставка од премиерот. Пашињан ова го оцени како обид за преврат и ги повика своите приврзаници да излезат на улица. Како одговор на ова следеа протести на опозицијата која бараше смена на власта.

Ситуацијата дополнително ја влошија несогласувањата на релацијата претседател – премиер во врска со смената и именувањето на нов начелник на Генералштабот.

(Фото: ЕПА)