„Еурактив“: Берлинскиот ѕид допрва треба да падне за Скопје

LinkSense.mk

Наместо да биде лидер на европската интеграција на Северна Македонија, Бугарија нема интерес да ја обиколи соседната држава со нов Берлински ѕид, вели во изјава за „Еурактив“ бугарскиот професор Иво Инџов, експерт за политички комуникации.

Според него, Бугарија не може да си дозволи да го блокира својот западен сосед долго време бидејќи тоа ќе создаде нов антибугарски бран во македонското општество.

Инџов исто така смета дека бугарскиот премиер Кирил Петков е во право дека со интензивирањето на економската соработка, може да се создаде атмосфера на доверба меѓу двете држави.

Бугарскиот професор по историја Стефан Дечев, пак, верува дека надворешната политика треба да се остави да ја води Владата во Софија.

Тој се согласува со изјавата на премиерот на Бугарија Кирил Петков, дека Софија многу задоцнила со пристапот кон Северна Македонија.

– Единствениот проблем што го гледам е дека Владата не ги користи медиумите на најдобар начин за да ја објасни својата политика, вели тој во изјава за „Еурактив“.

Во тектот „Берлинскиот ѕид допрва треба да падне за Скопје“ на „Еурактив“ се потсетува дека Петков се обидува да го промени пристапот кон Скопје со цел да го надомести изгубеното време, како што вели, 30 години. Тој замина во прва посета на Скопје веднаш откако беше избрана новата македонска Влада. Неколку дена подоцна, неговата посета беше возвратена со нова форма на заедничка владина седница на двете влади што се одржа во Софија на крајот на јануари.

Во исто време, Софија најави и дека ќе го интензивира дијалогот со земјите-членки на ЕУ што не го разбираат ветото кон Северна Македонија.

Во отсуство на политика, се наведува во текстот, медиумите пренесуваат остра реторика – на пример, бугарското МНР, по средбата на Пендаровски со претставници на „ОМО Илинден“. Во Бугарија оваа организација беше регистрирана како партија во 1999 година, но регистрацијата беше укината една година подоцна. Радев ги нарече нивните претставници дека имааат „сепаратистички ставови и претензии кон малцинство“ – токму поради овие причини организацијата беше прогласена за неуставна. Сепак, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од страна на „ОМО Илинден“ и инсистираше таа да биде регистрирана, потсетувајќи на основната вредност на ЕУ – правото на слободно самоопределување. Бугарија постојано ги игнорираше одлуките на ЕСЧП на оваа тема, а организацијата сè уште се смета за ризик за територијалниот интегритет, додава „Еурактив“.

За разлика од претседателот, додава изданието, премиерот Петков ја игнорираше темата „ОМО Илинден“. Неговата еманципација од Радев, неговиот поранешен ментор, поминува низ голем тест: падот на Берлинскиот ѕид за Скопје. Ако успее, тоа нема да му донесе слава – веќе ќе биде успех ако не биде прогласен за „народен предавник“, се наведува во текстот на „Еурактив“.

 

ИЗВОР: МИА