ЕУ не ја коментира одлуката на Бајден, не планира слични санкции

„По одлуката на американскиот претседател да ги санкционира сите лица кои учествуваат и придонесуваат за дестабилизација на Западниот Балкан, вклучително преку прекршување на Преспанскиот и Охридскиот договор, Европската унија не планира да оди во ист правец засега, јави дописничката на МИА од Брисел.

Петер Стано, портпарол за надворешна политика во Европската Комисија, одговори дека Брисел не ги коментира одлуките на САД и истакна дека ЕУ има сопствени ангажмани на Западен Балкан, како последната “силна дискусија“ во Советот за надворешни работи на ЕУ и одлуката редовно да се одржуваат неформални вечери со лидерите на земјите од регионот.

„Нашиот ангажман е силен, но можни санкции не се на дневен ред, она што треба да се каже е дека секоја одлука на режимот на санкции е прашање на едногласност помеѓу земјите членки на ЕУ и доколку земјите членки се усогласат за режим на санкции ќе се процесуира, но темата не е на дневен ред, изјави Петер Стано.