ЕУ објави листа на опасни производи. На врвот се автомобили и играчки

LinkSense.mk

Системот за итно предупредување за опасни производи во Европската унија во 2021 година доби помалку известувања отколку во претходната година. Државите членки на Унијата најмногу предупредуваа за проблеми со моторните возила и играчките, покажува извештајот на Европската комисија.

Лани биле примени 2.142 предупредувања за опасни производи, 4,8 отсто помалку отколку во 2020 година.

Навистина, имаше помалку предупредувања, но бројот на производи кои можат да претставуваат закана за животната средина е двојно зголемен, предупреди еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс.

Најмногу предупредувања има од Германија, 26 отсто од вкупниот број пријавени случаи, а најмногу се однесуваат на моторни возила, кои за првпат се најдоа на врвот на листата по број на опомени.

Што се однесува до моторните возила, преземените мерки главно вклучуваа отповикување по откривањето на технички проблеми“, се вели во извештајот.

На второ место се играчките, кои сочинуваат една петтина од предупредувањата, и електричните апарати и накитот, со учество од девет отсто. Поради пандемијата на коронавирус, зачестија предупредувањата за потенцијално опасна заштитна опрема, особено маски, со учество од шест отсто.

Лошо дизајнираниот производ претставува многу поголем ризик за децата отколку за возрасните, нагласи Рејндерс.

Проблемите со играчките вклучуваат присуство на опасни хемикалии и батерии, а пријавени се и електрични апарати поради прегревање и изложеност на делови под напон.

Најчести закани се можноста за повреда, изложеност на хемикалии, предизвикување пожар, задушување и струен удар.

Системот за предупредување од опасни производи го користат околу триесет европски земји за размена на информации за опасните непрехранбени производи. Системот им овозможува на земјите брзо да проверат дали некој „сомнителен“ производ е на нивниот пазар и покренување постапка за негово повлекување, доколку е потребно.