Жерновски ги прими копиите од акредитивните писма на новата португалска амбасадорка

„Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Португалија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Марија Виржиња Мендес да Силва Пина.

Како што соопшти МНР, при тоа било нагласено задоволство од досегашниот развој на билатералните односи меѓу двете држави и истакната подготвеност за натамошно зацврстување на пријателските врски, како и искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката.

Жерновски се заблагодари на поддршката на Португалија во однос на нашите евроатлантски аспирации, конкретно изразени преку ратификацијата на Протоколот за НАТО, како и поддршката за што поскоро започнување на преговорите со ЕУ.

„Македонските граѓани никогаш нема да ја заборават поддршката на официјален Лисабон. Ние не сме само пријатели, туку наскоро и сојузници во НАТО и во ЕУ, нагласил Жерновски.

Во овој контекст тој и посакал успешна мисија на новиот португалски амбасадор, изразувајќи уверување дека со своето дипломатско искуство и личен ангажман ќе даде значаен придонес во продлабочувањето на односите и доближувањето на двете земји.

Уверувајќи дека официјален Лисабон ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на европскиот и евроатланскиот интегративен пат, амбасадорката Силва Пина искажала подготвеност да продолжи со градење меѓусебни блиски релации преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Соговорниците размениле мислења и за перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, како и следните чекори во насока на отворање на пристапни преговори со нашата земја што е можно поскоро.