Телефонски разговор Заев-Борисов: Договорот за добрососедство е основа за се

„Одговорите на прашањата што се отворија меѓу нашите две земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство“, се согласиле премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов во денешниот телефонски разговор.

„Заеднички споделивме дека поскоро треба да дојдеме до решенијата кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ“, напиша Заев на својот фејсбук-профил.

Заев во телефонскиот разговор му се заблагодарил на Борисов за честитките што му ги искажал за неговиот реизбор за претседател на СДСМ, и му посакал успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија и просперитет на бугарскиот народ.

Порака со слична содржина на својот фејсбук профил објави и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Зборував по телефон со премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев. Му честитав за реизборот за претседател на неговата партија и тој ми посака успех на претстојните парламентарни избори во Бугарија. Двајцата се согласивме дека одлуките што двете земји мора да ги донесат во духот на Договорот за добрососедство и пријателство не смеат да се одложуваат и во име на нашата заедничка историја и во името на нашата заедничка европска иднина“, наведува Борисов.