Заев верува во скорешен договор: „Бугарија ќе ги признае македонскиот јазик и идентитет!“

„Португалското претседателство со Европската Унија и министерот за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, во понудениот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Содржината на португалскиот предлог за решавање на спорот во петокот во Скопје
го презентираа шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.

„Предлогот е добра база и добра појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за него, ќе продолжиме со состаноци“, истакна Заев.

Тој нагласи дека се земени предвид и бугарските позиции, но повтори дека македонски јазик и македонскиот идентитет се строго заштитени.

„Ја има опфатено и бугарската страна и согласно нивните резолуции може понатаму да се разговара, заради тоа што во неколку наврати реков дека очекуваме час поскоро Бугарија да го признае македонскиот јазик и идентитет. Имаме документ и јас сум изненаден што членка на ЕУ, која е од другата јужна страна на европскиот континент, која не е толку блиску до Балканот и не е толку детално упатена и навлезена, беше креативна и инвентивна за да изнајде решение. Затоа рековме дека секој пат е можно да се изнајде решение ако има се добра волја од двете страни“, рече Заев.