Заев вети борба за секое работно место, прочистување на судството и работа на евроинтегративниот процес

Борба за секое работно место, зачувување на потенцијалот и капацитетот на компаниите и задружување на платите и пензиите со тенденција за нивен раст штом помине кризата со Ковид 19, вети мандатарот Зоран Заев кој денеска до Собранието ги поднесе составот и програмата на новата влада.

Паралелно со ова најави и воспоставување на комисиите кои ќе работат на прочистување на правосудството и проверка на имотот и парите на функционерите, како и подготовка на процесот на преговори со Европската унија. Очекувањата се дека кон крајот на октомври или почетокот на ноември ќе се одржи првата меѓувладина конференција.

– Предизвици има големи. Верувам дека со овие квалитетни кадри ќе бидеме држава за пример заради тоа што денес имаме пријатели насекаде околу нас. Имаме пријатели и во соседите, и во НАТО и во ЕУ. Денес имаме комплетна кохезија меѓу заедниицте со тенденција да продолжиме кон постигнување на севкупна еднаквост за сите, истакна Заев.

Прашан дали останува на ставот дека секој кој згрешил пред законот дури и Сашо Мијалков и Никола Тодоров треба да одговара, Заев рече дека отстапки ќе нема во борбата против криминалот и корупцијата.

– Ако си дозволиме било кој за кого постојат основани сомненија, докази и аргументи, да ја избегне правадата, тогаш сме ја уништиле државата.

Еден од главните постулати е борбата против криминалот и коурпцијата, владеењето на правото и еднаквост пред законите на сите и тука отстапки нема да има, порача идниот мандатар.

За бројчаникот кој беше најавуван, Заев рече дека неговото функционирање зависи од правосилните судски пресуди.

– Бројчаникот е поставен, го платив приватно. Тој зависи од правосилни судски пресуди и заплена на имот. Овој бројчаник досега треба да заврти 18 милиони евра од пленењето на имотот на „Трасмет“ која е завршена постапка. Завртени се веќе и еден милион евра од финансиска полиција.

Бројчаникот зависи од судските пресуди, а не зависи од извршната власт.

Има и постапка за пленење на пари од дијализата. Ако се утврди во таа постапка дека е онака како што тврди Јавното обвинителство, тогаш бројчаникот ќе сврти 11 милиони евра, појасни Заев.