Заев во ЕП: Прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во ЕП

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев се обрати пред Европскиот Парламент на покана на неговиот претседател, Антонио Тајани. Ова, како што истакна Заев, е прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик во европскиот пратенички дом.

„За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик – рече Заев.

Премиерот Заев на европратениците и членовите на Европската Комисија ја објасни важноста за Македонија на склучувањето на Преспанскиот Договор, заблагодарувајќи му се и на неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втора независност.

„За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември, е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност, изјави Заев.

„Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ“, рече премиерот Заев.

„Успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ. Оваа визија не мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот, рече премиерот.

Тој потсети на важноста на регионот во справувањето со миграциската криза и истакна дека инвестирањето во Балкан е инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа.

Премиерот ги увери европратениците дека Македонија прави сѐ за да ги постигне стандардите на Европската Унија.

„Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеење на правото и борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните, рече премиерот.

Заев нагласи дека Македонија е „еден вид Европа во мало“, „успешна европска приказна, како автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Еден вид Европа во мало – ние секојдневно го живееме Европското мото “Обединети во различностите“, додаде тој.

Заев подвлече паралела помеѓу кризата низ која поминува Европската Унија денеска и политичката криза низ која мина Македонија, борба на отворено општество против авторитарниот национализам.

„Политичката криза низ којашто поминавме беше всушност борба за вредности каква што се одвива и во европски и глобални рамки – борба за либералните вредности на владеење на правото, човековите права и слободи, демократското владеење, отворената економија, наспроти авторитарниот национализам“, рече премиерот.

Заев нагласи дека младите луѓе во Македонија сонуваат да бидат дел од европското семејство.

„Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Се чувствуваме европски и припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога имав 17 години, ова е сè за што сум сонувал: да бидеме дел од европското семејство. Да имаме европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за ова и денес.“

„Сега, 27 години подоцна, како премиер, во име на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот парламент на својот македонски јазик“, истакна Заев пред европратениците.