Заев: Доаѓа време на правда, опозицијата да покаже државничко однесување

„Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Овој вековен идеал на македонската историја се исполни на 8 Септември, пред 29 години, кога застанавме еден до друг, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, кога се обединивме во создавањето заеднички дом за сите. Денес, ја славиме независноста слободни и отворени кон светот. Ја имаме неповторливата можност да седнеме на масата на европските држави. Да го зграбиме моментот и самоуверено да породлжиме по европскиот пат“, порача премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод Денот на независноста, 8 Септември.

Пред гостите на централната свеченост што се одржа во дворот на Владата, Заев го потенцираше значаењето на 8 Септември 1991 година, денот кога, рече, граѓаните на Република Македонија на сите идни поколенија им го дадоа најголемиот подарок–независноста на државата. Но, се осврна и на актуелните предизвици.

Подвлече дека за модерна, успешна и европска земја, е подеднакво важно учеството на секој граѓанин.

Во оваа прилика, Заев ја повика опозицијата да ги напушти, како што рече, тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Осми септември 1991 година ќе остане запамтен, рече Заев, како ден
кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни и стратешки патокази на тој пат беа НАТО и ЕУ.

Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлантската алијанса и земја која е на пат за членство во ЕУ.

Во контекст на претстојните приоритети и определби, премиерот најави
дека земјата ќе продолжи по патот што веќе го трасираше–граѓанска
држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

Борбата за правда, напомена Заев, ќе биде врвна заложба.

Но, не помалку важни ќе бидат и борбата со корона вирусот, трансформирањето на економијата во модерна, динамична, иновативна и конкурентна, како и следењето на зелената и дигитална ера кон која стремат сите развиени општества.

„Добро го памтам 8 Септември 1991 година, денот на референдумот за независноста. Засекогаш ми се врежани во глава сликите од прославата на плоштадот „Македонија“ и зборовите со кои претседателот Глигоров ни ја честиташе државата и татнежот на македонската химна, најубавата химна на светот. Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни. Пред речиси три децении после 46 години државност во рамките на Сојузот на поранешни југословенски држави на 8 Септември 1991 година независноста на нашата држава стана реалност. Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја, идеал кој за многу генерации беше само мечта“, истакна Заев.

Токму нам, на сегашните генерации, додаде, ни припадна привилегијата,
но и одговорноста да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава, зашто државата и општеството се независни и слободни толку колку што е независен и слободен секој
граѓанин на Северна Македонија.

„Крушевската Република беше временски краткотрајна, но со трајни историски вредности и наследства. Народот, а потоа и Социјалистичка Република Македонија беа круната на вековниот процес за создавање
македонска држава. Сите големи и преломни историски процеси и настани на нашата државност и независност беа проследени со борба за слобода, правда, еднаквост и солидарност. А оваа борба против сите форми на репресии, неправди и против фашизмот е во темелот на македонската државност. Како држава која е создадена со праведна борба, како држава која достоинствено и без насилство ја освои и својата независност и самостојност и низ годините успеа да остане на демократскиот пат, нашата земја се стекна со посебен углед во светот и со доверба за да биде посакуван стратешки партнер на најголемите земји од западноевропскиот демократски цивилизациски круг. Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денес, на 29 години од славењето на нашата самостојност, татковината наша има најмногу пријатели. Благодарение на тоа годинава со кренати чела слободни и отворени кон светот ја славиме независноста“, рече премиерот.

Според него, уште на самиот почеток граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност.

„Тоа е европскиот пат, патот по демократските вредности. Ова подразбира вклученост и активно учество на граѓаните во политичките процеси, но и интегрираност во меѓународните институции и иницијативи“, нагласи Заев.

Денес, дополни поремиерот, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена Армија, со државна валута и со сите постулати на државност.

„Нашето место во ОН е недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.  Благодарение на напорите кои во минатиот мандат ги насочивме на надворешен план со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, договори со кои Северна Македонија по децениско заостанување направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи“, истакна Заев.

Преку отворен пристап, рече, покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба. Северна Македонија од лош пример, се претвори во успешна приказна, приказна која почна да го менува наративот за Балканот.

Нашите соседи денес ни се сојузници и најсилни подржувачи на меѓународен план, а овој партнерски однос со сите држави од соседството–Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција со коишто секојдневно заедно соработуваме во справување со пандемијата е од исклучително значење.

„Пред три години дома се соочивме со задушени демократски процеси
узурпирани институции, поларизирани меѓуетнички и меѓучовечки односи, со еден збор заробена држава. Држава која беше раководена од режим и во која стратешките цели беа заменети со интересите на партијата и поединци. Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми, проблеми кои со децении беа тргнати настрана и од ден на ден стануваа се потешки за иднината и развојот на државата. Ги решивме отворените проблеми со соседите и дома за почнавме со санирање на штетите од децениското антидемократско владеење. Токму реформските процеси и унапредувањето на демократскиот амбиент остануваат во фокусот и во овој нов четиригодишен мандат“, напомена премиерот.

Се осврна и на изборната кампања за време на која, рече, имал прилика да се сретне со голем број граѓани.

„Ги слушав внимателно нивните пораки и животни приказни. Секоја таква приказна е приказна за Северна Македонија, приказни на луѓето од различни генерации кои ги поврзува еден сон–сонот за држава која им припаѓа на сите и во која владее правото и правдата. И преку тие луѓе уште појасно ги дефиниравме нашите определби и ја напишавме новата приказна за нашата земја. Таа е испреплетена и од приказните и придонесот на сите ние луѓе што се жртвуваа и се издигнаа над своето време затоа што сакаа нешто повеќе, нешто подобро за нивните деца. Во тие приказни има и една силна нишка на очекувања. Очекувања на планот на борбата за правда и владеењето на правото затоа што мирот не се остварува само и исклучиво тогаш кога нема конфликти и тензии, туку тогаш кога е максимално присутна правдата и владеење на правото“, потенцира Заев.

Доаѓа, најави, време на ред, правда и дисциплина.

Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа.

Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување.

„Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, а ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на сите граѓани“, рече Заев.

Во врска со КОВИД пандемијата рече дека ќе ја добиеме битката.

Здравствениот систем е функционален и секому е пружена соодветна
здравствена заштита.

„Оваа пандемија уште посилно ја потврди нашата заложба и во овој мандат да продолжиме со инвестирање во здравствениот систем, инвестирање во инфраструктура и опрема од кои особено е важен проектот за изградба на нов модерен Клинички центар во Скопје, како и постојано и континуирање вложување во човечкиот капитал преку добро платен, мотивиран и посветен здравствен кадар да градиме ефикасен здравствен систем“, рече премиерот.

Најави и продолжување на инвестициите во капитални, инфраструктурни проекти, на антикризните мерки, унапредување на условите за привлекување директни странски инвестиции и стимулирање на домашните вложувања.

„Оваа криза за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Владата ќе ја води државата кон излез од кризата со што помалку последици, како и кон брзо враќање на претходните стапки на раст на економијата. Создаваме рамка која ќе овозможи платите и пензиите да продолжат да растат, а граѓаните да имаат поголема куповна моќ. Да обезбедиме подобар животен стандард и да ја намалуваме невработеноста“, потенцира Заев.

Ја извадивме државата на прав пат и сега почнува периодот на најинтензивната македонска европеизација, заклучи премиерот.

„Приклучете се успехот ќе биде многу поголем ако секој граѓанин даде свој автентичен придонес. Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние како и досега ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. Во таа насока ја повикувам и опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување. Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации во македонската историја. Ја имаме неповторливата можност Северна Македонија да седне на своето столче на масата на европските држави. Тоа е шанса која нема да ја пропиштиме. Да го зграбиме моментот и самоуверено сите заедно да зачекориме по европскиот пат–слободни и отворени кон светот. Ја славиме независноста. Нека ни е честит и вековит 8 Септември–Денот на независноста“, порача Заев во обраќањето.

Централното чествување пред Владата, организирано согласно сите КОВИД протоколи, почна со чинот на менување на знамињата пред платото на Владата, по што беше интонирана македонската химна.

Потоа беше прикажано видео кое испрати пораки по повод 29 години од независноста на државата.

Претходно, во рамки на одбележувањето на празникот, премиерот Заев со владина делегација положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел.

Цвеќе положи и собраниска делегација.