Заев: Државата има доволно капацитети и сите наши финансиски ресурси ќе бидат ставени за поддршка на граѓаните и на економијата

Премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ Алсат-М, истакна дека Владата внимателно ги следи економските и енергетските трендови во светот, и дека државата има доволно капацитети и сите финансиски ресурси стојат на располагање на граѓаните и на економијата.

„Имаме искуство од справувањето со кризата од пандемијата и знаеме кога и од каде да алоцираме и да обезбедиме финансиски средства доколку има потреба. Прв приоритет е нашиот народ, потоа јавниот здравствен систем, а потоа и приватниот сектор којшто треба да ги обезбеди платите за вработените“, нагласи претседателот на Владата, Зоран Заев.

Сѐ е ставено во функција на народот, рече Заев во емисијата на ТВ Алсат-М, и додаде дека политичкиот профил на оваа Влада е дека таа постои за граѓаните.

„Стабилна е ситуацијата и тука сме да помогнеме. Во моментот имаме сопствени резервоари на пари. Во овој момент имаме преку 50 милиони евра за да интервенираме ако биде потребно. Во РЕК Битола ги активираме капацитетите на третиот блок за да имаме домашно дополнително производство на струја која не може да чини повеќе од 40-50 евра, а цената на пазарот оди и до 220 евра на берзите“, посочи премиерот Заев.

Во однос на најавите за раст на инфлацијата, премиерот Заев потенцираше дека таа е контролирачка со монетарната политика на Народната банка и со фискалните политики и мерки на Владата.

„Ние сме отворена земја со пазарна економија и тоа што ќе се случува во светот, ќе се случи и кај нас. Но, тоа што треба да го знаат граѓаните е дека како што испорачувавме претходно, така ќе испорачаме и сега. Ќе креираме политики, ќе ги активираме државните резерви, тука е и инструментот репрограмирање на Буџетот за да интервенираме таму каде што ќе биде потребно, како што ги помогнавме економските последици од пандемијата“, потенцираше премиерот Заев во интервју за ТВ Алсат-М.