Заев за растот на БДП од 3.1% во вториот квартал: Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок

LinkSense.mk

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со економскиот тим министри во Владата денеска на прес конференција ги презентираа параметрите на раст на БДП кој во вториот квартал оваа година изнесува 3.1%.

„Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок. Тоа е убава вест. Во вториот квартал од 2018 година растот на БДП достигна 3.1 % што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината. Согласно позитивните резултати што ги имаме на економски план, нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст на БДП од 3.2%“, порача премиерот Заев.

Во своето обраќање Вицепремиерот Анѓушев истакна дека проектите домаќински се доведени во ред и ќе продолжат да се реализираат штитејќи го интересот на граѓаните на Република Македонија, но со големи заштеди и на начин којшто нема да креира виртуелни и фиктивни бројки, туку реален резултат.

„Градежните проекти ги ставаме во колосек. Главните градежни проекти коишто го прават волуменот на работите во државата се неколку, автопатиштата Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип и новите автопатиштата коишто почнаа да се градат, на западниот и на источниот дел, железницата кон Бугарија, гасоводот кај што треба да продолжи да се гради. Во овие проекти има милијарда евра и тоа се проектите коишто треба да го задвижат и градежништвото и со нивното внесување, домаќински на нормално ниво, очекуваме бројката од 3,1% да порасне бидејќи нема да има веќе ниту еден фактор којшто ќе ги движи бројките во негативна насока“, изјави вицепремиерот Анѓушев, кој посочи на зголемениот интерес и на странските и на домашните инвеститори, на интензивирањето на индустриските активности, како и на тоа дека ќе има дополнителен пораст на интересот во овие сфери само со успешен референдум и припојувањето на нашата држава кон НАТО и ЕУ.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски даде поопширен осврт кон очекуваните ефекти врз економијата од остварените позитивни економски резултати.

„Наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност. За 7,4 милијарди денари или 120 милиони евра е повисока наплатата на даноци и придонеси заклучно со август. Ова значи поголема активност на фирмите, повисоки плати и нови работни места“, посочи министерот Тевдовски.

Тој укажа на фактот дека обврските се покриваат редовно. Повратот на ДДВ кон фирмите е навремен и неселективен, и дека од почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 15,38 милијарди денари преку поврат на ДДВ.

„Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 2,7 милијарди денари. Со обезбедување на ликвидност на фирмите, се поддржуваат нивните тековни, но и инвестициски активности. Во овој период се забележува поголема инвестициска активност на компаниите. Имено, ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7% се забележува кај секторот машини и транспортни уреди. Овој податок укажува на раст на инвестициите на фирмите во основни средства. Тоа ќе придонесе за раст на економската активност и во иднина, поголемо производство и нови работни места“, соопшти министерот Тевдовски на заедничката прес конференција со Претседателот на Владата на РМ Заев, со Заменик претседателот во владата задолжен за економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Премиерот Заев за растот на БДП од 3.1% во вториот квартал: Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок

Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок. Тоа е убава вест.

Во вториот квартал од 2018 година растот на БДП достигна 3.1 % што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината.

Согласно позитивните резултати што ги имаме на економски план нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст на БДП од 3.2%.

Во вториот квартал од 2018 година, најголем пораст е забележан во секторите:  Уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи, дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 13.9 %; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 12.7 % и стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности од 4.5 %. Секако значителен дел имаат овде растот на индустријата, енергетиката, земјоделството и други сектори.

Ваквиот тренд на пораст на БДП покажува дека политичката стабилизација на земјата која ја постигнавме заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес на почеток на преговори со ЕУ и спроведувањето на квалитетни економски политики значително ги отворија перспективите за раст и развој на македонската економија.

Во овој период годинава бележиме и други позитивни економски резултати и параметри кои исто така придонесуваат за раст на БДП и долгорочна и трајна стабилизација на економијата.

Странските директни инвестиции во првото полугодие изнесуваат 327 милиони евра што е за 218 % повеќе од просекот во последните три години и апсолутно најмногу во последните три години.

Истовремено имаме и раст на индустриското производство од 8.4 % во јули 2018 година во споредба со јули 2017 и зголемување на бројот на работници во индустријата за 7.2 % во истиот тој период што претставува уште една силна потврда дека сериозно е раздвижена инвестициската активност во земјата.

Извозот бележи раст од 17% во периодот од јануари – јули 2018 во споредба со истиот период лани.

И другите перформанси на економијата се одлични и покажуваат раст.

Во првото полугодие од 2018 зголемена е наплатата на даноци за 8% во споредба со истиот период минатата година или тоа во апсолутни бројки изнесува 66 милиони евра повеќе приливи во буџетот по овој основ.

Повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината заклучно со август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра.

Тоа е силен поттик за приватниот сектор како главен двигател на економијата!

Намалена е стапката на невработеност на 21.1% што е историски најниско ниво досега. Во првото полугодие во 2018 се реализирале 10.000 нови вработувања на наши граѓани што дополнително го забрзува растот.

Просечната плата бележи постојан пораст. Во месец јуни 2018 година исплатена е за 6.1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани. Со порастот на платите повеќе пари се слеваат во семејните буџети на граѓаните.

Сите овие позитивни економски резултати покажуваат дека економијата веќе чекори по вистинскиот пат.

Со посветен пристап во спроведувањето на политиките, со членство на државата во ЕУ и НАТО и спроведување на квалитетни економски политики, ќе ја поставиме македонската економија на брза трака да продуцира и повисоки стапки на раст во иднина.

Нашите цели се јасни – работиме на развој на економија која ќе генерира подобар животен стандард за граѓаните.

А подобар животен стандард допира многу аспекти од животот на граѓанинот што државата преку своите механизми може да ги овозможи или унапреди. Тоа подразбира повеќе пари за граѓаните, повисоки плати, нови работни места, отворени нови фабрики на домашни и странски инвеститори, подобрени јавни услуги за граѓаните во здравството и образованието, квалитетно изградена инфраструктура, брзи и навремени сервиси овозможени од јавните институции.

Дополнително стабилизацијата на политичките процеси и отворените врати за членство на земјата во најмоќниот сојуз НАТО и најмоќната економска заедница ЕУ уште посилно ќе го забрзаат растот на економијата.

Факт е дека новите земји членки бележат поголем економски раст и побрзо се доближуваат до животниот стандард на земјите членки на Европската Унија. Исто така, имаат подобрена деловна клима, поголем пораст на продуктивноста на трудот, забрзан напредок во структурните реформи за развој на приватниот сектор, забрзан извоз и подобрена институционална демократија.

Затоа е исклучително важно граѓаните на 30-ти септември да излезат и да ја овозможат оваа економска перспективна иднина на нашата земја.