Заев и Мицкоски договорија одложување на Пописот за септември

Пописот, што требаше да почне на 1 април, е одложен и ќе се спроведе од 5 до 30 септември оваа година. Причината за одлагање е можноста да се создаде имунизација на населението и на попишувачите. Сепак, дијаспората ќе продолжи да се попишува до 30 септември.

Тоа беше одлучено на вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За да се реализира договореното, како што укажа претседателот на Собранието Талат Џафери, треба да се достави предлог закон.

Заев по средбата изјави дека го прифатил предлогот за одложување на пописот, со цел сите да повикаат на попишување во државата и конечно после 20 години да се спроведе толку важен процес.

Тој информира дека во тек на паузата од средбата, за ова ги консултирал и претседателот на државата, претседателот на Собранието, министерот за правда, директорот на Државниот завод за статистика, како и поголемите коалициони партнери ДУИ и БЕСА.

Премиерот Заев останува дециден– пописот е многу важна статистичка операција. Тој испрати порака и апел до сите граѓани да се попишуваат.

Покажавме доблест и големина, посочи Заев. Тој изрази уверување дека со градење консензус меѓу власта и опозицијата само уште повеќе и подобро ќе им служат на граѓаните и државата.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е согласен дека со одложување на пописот е ипратена силна порака во овие тешки времиња на пандемија со Ковид-19, а тоа е дека најмалку што сега ни треба е политиканство, и дека секој човечки живот е важен. На средбата бил информиран од Заев дека во текот на април во државата се очекува да пристигнат околу 350 илјади вакцини, со што би започнал процесот на масовна имунизација на населението.

„Токму поради тоа, поради процесот на имунизација на населението и попишувачите во тековниот период, пописот ќе се одложи за месец септември. Не сакавме да политизираме, да се занимаваме со политиканство туку дека ни е важно спасувањето што е можно повеќе човечки животи во пандемијата“, рече Мицкоски.

Како што е најавено, апликацијата со која се евидентира дијаспората ќе остане активна се до физичкото завршување на пописот. Дијаспора, појасни премиерот, веќе почна да се попишува и досега собраните податоци на околу 200 илјади треба да бидат верификувани и потврдени.

Премиерот упати апел до сите членови во дијаспората да ја искористат оваа прилика, а упати порака и до граѓаните во државава.

„Упатувам порака до граѓаните дома, ова е важна статистичка операција. Сега ја имаме и најголемата опозициска партија овде. Верувам со тоа ќе се согласат и албанските опозициски партии, испраќам порака до Левица, до сите граѓани да се попишат“, рече Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, синоќа во телевизско гостување порача дека ако е договорено одложување на пописот, тоа треба да се преточи во Предлог закон, како и дека тој е против одложувањето на пописот.

„Одлуката за одложување на пописот не се прави со прес-конференција, туку со Собрание. Вака обично прават лидерите на политичките партии, се договараат, а потоа им излегуваат проблеми. Ако се договориле за одложување, тоа треба да се преточи во Предлог-закон и потоа има парламентарни процедури и за тоа се потребни парламентарни процедури“, рече вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Политичките одлуки на политичките субјекти, посочи собранискиот спикер, не произведуваат правни ефекти додека не се спроведат неопходните институционални процедури.

„Не ги слушнав изјавите од денешната средба, бидејќи ја чекам и изјавата од следната средба закажана за во среда со албанската опозиција, затоа што тоа е битно за
донесување одлука. Ако сакате сеопфатно донесување на одлуки, тогаш треба да ја чекаме одлуката од таа средба“, рече Џафери.

Тој смета дека пописот треба да се спроведе според првично предвидениот рок.

„Јас сум против одложување на пописот. Ние имавме избори на пикот на пандемијата. Пописот е индивидуален акт, попишувачот оди кај семејството и согласно протоколите прави регистрација, односно попис. Ова е мое мислење и сметам дека нема потреба да се одложи. Сепак, ќе има процедура за ова и ќе видиме како ќе помине. Повикувам на
почитување на Закон и на Устав, не е важно дали јас сакам или не“, рече Џафери.

Претходно постигнатиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот од здравствени причини преку соопштение го поздрави Демократскиот сојуз, една од партиите од владејачката коалиција.

Според ДС, договорот за одложување на пописот до септември ќе обезбеди голем дел од населението да се вакцинира, а особено попишувачите и ќе даде дополнителни гаранции за успешен попис.

Од Алијанса за Албанците пак, вчера реагираа дека со одложување на пописот се прави штета на Албанците.

Во реакција по средбата на која беше најавено одложувањето на пописот наведоа дека од партија што влезе во Владата мамејќи со „албанскиот премиер“, ДУИ денеска се претвори во партија што им прави друга штета на Албанците, овој пат со одложување на пописот.

„Сепак, ги информираме Заев, Мицкоски и Ахмети дека дури и ако успеат да не надгласаат преку бројките и да го одложат пописот, тие никогаш нема да можат да го намалат бројот и процентот на Албанците во Северна Македонија. Нашите штабови и активисти, и во дијаспората и во земјата, ќе бидат будни и активни, па кога и да биде одреден датумот за попис, ние ќе бидеме тука за сензибилизирање и да го спасиме овој процес. Во меѓувреме, за секое пазарење што ќе го направите на штета на Албанците, еден ден сите ќе одговорите!. ДУИ која се преправа дека е претставник на Албанците во Владата, стои во реакцијата, денеска уште еднаш го потцени ссвоето гласачко тело и сите Албанци“, наведоа во реакцијата.

Процесот на самопишување на дијаспората почна на 1 март, а ќе трае се до завршување на пописот, според договореното од вчерашната лидерска средба до 30 септември. Заклучно со вчерашниот ден, преку електронската апликација се самопопишале вкупно 171 620 државјани на РСМ кои живеат во странство. На почетокот на месецов беа попишани лицата во казнено- поправните и воспитно-поправните установи, лицата на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив, како и
бездомните лица