Заев: Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претендент за премиерската функција, Зоран Заев, Македонија ја гледа како 30-та членка на НАТО.

Заев во интервју за подгоричка „Побједа“ вели дека за Македонија е важно членството во НАТО поради тоа што тој воен сојуз, посебно, како што истакна, кај нас на Балканот, подразбира стабилност, безбедност и неповредливост на границите.

„Покрај тоа, НАТО е гаранција за раст на економијата, економскиот развој, доток на странски инвестиции. На крајот на краиштата, ако беше Македонија членка на НАТО, диктаторскиот режим на Никола Груевски, заедно со своите спонзори, не би се осудил да предизвикува кризи и нереди какви што, за жал, имавме прилика да гледаме во последните неколку години“, изјави Заев.

Говорејќи за тоа како Македонија ќе го реши спорот со Грција, заради што и е блокиран влез во НАТО, Заев изјавил дека верува оти со дијалог на двете влади, кој ќе го уважи македонскиот идентитет, дигнитет и гордост, ќе се дојде до решение на тој повеќедецениски спор.

„Во тоа, се надевам, ќе ни помогне опозицијата, но и граѓаните на Македонија кои, ако тоа биде неопходно, ќе ги повикаме на референдум за да одлучат за името на државата во која живеат. Како што знаете Грција  промената на името Република Македонија го постави како услов за наш влез во НАТО“, изјави Заев и додаде:

„Искрено не разбирам што се очекува тоа од нас. Да се изјасниме како Марсовци?! Македонци сме и не можеме да бидеме ништо друго. Патем, ве потсетувам дека нашата земја 123 држави во светот ја признаа под името Република Македонија“.

Токму затоа, вели, е сигурен дека Македонија со помош на граѓаните, опозицијата и меѓународната заедница наскоро ќе го реши спорот со Грција.

Тоа, додаде, ќе им овозможи да го следат примерот на Црна Гора и ќе Македонија ќе стане 30-та по ред полноправна членка на НАТО.