Заев најави дека не сме далеку од договор со Бугарија, не се разговара за отстапки, туку за решенија меѓу двете страни

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека не сме далеку од договор со Бугарија, и оти не се разговара за отстапкитуку за решенија меѓу двете страни. Во меѓувреме и од бугарска страна омекнување на позициите – бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни. САД ја повторија позицијата Скопје и Софија да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите и оти влезот на земјава во ЕУ го гледаат како заеднички интерес.

Северна Македонија прави се што е неопходно во функција да се постигне решение за отворените прашања што постојат со Софија, изјави вчера премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека Бугарија е голем пријател на земјава и оти верува дека ќе остане на таа линија.

Рече дека не сме многу далеку од договор и оти треба да ја имаме добрата волја, да гледаме позитивно и да ја имаме проектирана иднината пред нас.

-Верувам дека ќе случи до еве, вториот Совет на министри на ЕУ на 8, 9 или 10 кога и да е, и една средба помеѓу мене и премиерот (Бојко) Борисов, а верувам дека и нашите работни групи коишто контактираат интензивно ќе создадат и атмосфера за тоа, зборувам  за двете страни. Нормално, се развиваат идеи, се разглобува секаков вид на варијанти во духот на дигнитетот и достоинството на двата пријателски народи да се изнајде европско решение со вградените европски вредности во него. Јас верувам дека тоа е возможно. Секако ова екстра време кое што испадна давајќи ни ја шансата за одложениот ГАК или Советот на министри е извонредна можност да бидеме паметни двете страни и да ја искористиме како можност, истакна Заев.

Потенцира дека со Софија не се разговара за отстапкитуку за решенија за двете страни.

– Не зборуваме за отстапкиСе зборува за решенија на двете страни. Постојат начини како тоа да се реши. Секако, уште еднаш потенцирам, драго ми е што Бугарија го признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност, а верувам низ тие формулации ќе се изнајдат и решенијата заради тоа што постојат решенијасекако внимавајќи едни на другите како страни во договорите – ние на бугарската страна, а бугарската страна да внимава на нас. Тоа го прават пријателите и верувам дека покажеме уште еднаш дека сме големи пријатели, нагласи премиерот.

Се надеваме дека Северна Македонија ќе продолжи со процесот на пристапување кон Европската Унија. Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме првата меѓувладина конференција до крајот на годината. Влезот на Северна Македонија во ЕУ го гледаме како заеднички интерес, изјави американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

Според, Брнз, билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.

– Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите, изјави Брнз.

Во меѓувреме, бугарскиот премиер Бојко Борисов на видео-конференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и Швајцарија, рече дека Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни.

– Токму за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, нашата земја ја стави високо на агендата на ЕУ за европската иднина на Западен Балкан, кажал Борисов.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева,пак, во меѓувреме во интервју за Канал 3 изјавила дека „многупати и подадовме рака на Република Северна Македонија, дури и во нивните најтешки моменти, но од друга страна гледаме непријателство и неискреност“.

Се надевам дека емоциите ќе стивнат, бидејќи веќе го намаливме бројот на негативни написи против Бугарија кај нашиот југозападен сосед. Би сакала да потсетам дека според договорот двете земји имаат обврска да ги запрат сите вакви манифестации на омраза, рекла Захариева.

Копретседавачот на македонскиот тим во Заедничката историска комисија Драги Ѓоргиев, најави дека следниот состанок на заедничката комисија треба да се случи на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.

Несомнено, политичката ситуација по бугарското вето, вели тој, ќе влијае на работата на Заедничката историска комисија, но, сепак, сметам дека таа треба да продолжи да работи. Додава дека дадминување на недоразбирањата можат да се случат само преку дијалог, преку разговори.

-По блокадата од страна на Бугарија, овде се интензивираа негативните коментари за тоа. Веќе има притисок врз комисијата да ги прекине преговорите. Јавноста е и разочарана, но и бесна поради овој потег на БугаријаНесомнено, тој притисок од јавноста се пренесува и врз членовите на комисијата. Се разбира, политички досега од ниту еден фактор не сме имале притисок, но од медиумите и јавноста е навистина голем. Се чувствува, но како што реков, јас сум за продолжување на работата на комисијата, додаде Ѓоргиев  во интервју за „Слободна зона“ на бугарската телевизија „Европа“.
Тој објаснува дека притисокот не е насочен само кон прекинување на работата на комисијата.
– Барањата на Бугарија се апсолутно неприфатливи за Македонија и македонската јавност. Покрај тоа, тоа предизвикува радикалите да се обидат да ја зголемат недовербата кон Бугарија, што ќе влијае на членовите на македонската страна на комисијата. Во овој момент, во ваква атмосфера ќе биде многу потешко да се разговара, коментира Ѓоргиев.
Терминот „заедничка историја“, посочува, е нешто со што македонските и бугарските историчари не се согласуваат во толкувањето. Според него, историскиот спор треба да продолжи да се дебатира на ниво на историчари, на академско ниво, и може и понатаму да остане нерешен и двете историографии да се расправаат за тоа, но тој не треба да влијае на политичките односи меѓу двете земји и да ги скара двата народа.
Ѓоргиев потврди дека личноста на Гоце Делчев ќе продолжи да предизвикува полемики меѓу историчарите од обете страни, но вели дека Делчев покрај влијанието на неговиот светоглед од бугарскиот образовен контекст во кој се развива и идеитдоговор, е на бугарските револуционери, има и силен македонски политички идентитет. -Тој е роден во Македонија, се бори за Македонија. Има силен македонски политички идентитет и сето тоа не може да го запоставиме. Затоа сметам дека во овој момент треба да бидеме флексибилни и умни, да го оставиме на страна прашањето чиј е Гоце Делчев. Тој  е силно вграден во меморијата и на бугарскиот и на македонскиот народ. Според тоа, можеме да го сметаме за херој кој може заеднички да го славиме и тука треба да најдеме решение, а дискусиите ќе продолжат понатаму, вели Ѓоргиев нагласувајќи дека не е работа на комисијата да донесе одлука за неговиот идентитет.
Блокадата на Бугарија на евроинтеграцијата на С Македонија го киднапира процесот на проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на Унијата и ги обесхрабрува другите земји кандидати. Потпишувањето декларации со кои аспирантите и земјите членки ќе се обврзат да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања треба да биде стандард, оценува во коментар за МИА политичкиот аналитичар и експерт за Балканот, професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер. Сепак, додава, проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји во ЕУ кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади.

Запрашан за позицијата на Софија која ја условува европската интеграција на нашата земја со прифаќање на бугарските корени на идентитетот и јазикот – непринципиелни барања што го нарушуваат правото на земјата за самоопределување, Бибер оценува дека таа е проблематична од три аспекти.

– Бугарската позиција е проблематична од три аспекти. Прво, таа поставува барања од Македонија, кои не треба да бидат предмет на политички одлуки и притисок меѓу земјите. Без оглед како да се толкува историјата, ова треба да биде работа на историчарите, инаку за историјата дискутираат аматери. Исто така, ја става историјата во служба на одредена нација. Второ, наметнување на национална историја на друг е малтретирање и исто така не е во согласност со добрососедските односи. Трето, ваквите прашања не треба да застанат на патот на пристапувањето во ЕУ бидејќи не се однесуваат на подготвеноста на Унијата за Северна Македонија. Со тоа се киднапира пристапот кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан потпишаа двапати декларации со кои се обврзаа да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања. Додека Бугарија нема потпишано, ова треба да биде стандард, вели Бибер.

Се разбира, додава тој, Бугарија има моќ да го искористи своето вето за ова прашање, а за историскиот спор вели не сака да навлегува, бидејќи постојат националистички и еднострани толкувања и во С Македонија и во Бугарија.

Тој оценува дека ветото ќе се одрази обесхрабрувачки на исполнувањето на реформската агенда на земјата, но и дека ќе има последици за евроинтегративниот процес за целиот регион на Западен Балкан.

За тоа во чиј интерес е да се блокира процесот на евроинтеграција, Бибер смета дека во случајов станува збор за кратковид националистички став на Софија. – Во овој случај, тоа е кратковид националистички став на сегашната бугарска влада. Мислам дека не е стратешки, бидејќи плаќа цена за таквата позиција во ЕУ и исто така ги нарушува нејзиниот кредибилитет и односите со С. Македонија. Постојат и други кои се скептични во однос на проширувањето, како што се Франција и Холандија. Сепак, не изгледа дека тие во моментов се „кријат“ зад бугарската позиција. Проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади, заклучува аналитичарот Флоријан Бибер во изјава за МИА.