Заев најавува 50 отсто коалициски настап на локалните избори во првиот круг (ВИДЕО)

Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори, а до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Генерално, сите, како што рече, се реалисти во однос на позиционирањето и потврдуваат меѓусебно помагање.

Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.

„Со Тачи се видов пред две-три недели, исто и со Билал Касами, а до крајот на оваа недела треба да се видам со Ахмети. Сите потврдуваме заедничко помагање зашто сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршуавње на изборите ќе правиме повторно коалиција, објасни Заев, одговорајќи на новинарски прашања.

Сепак, додаде, локалните избори се поразлични од парламентарните и многу зависи од кандидатите.

На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, БЕСА или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.

„СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Ги имаме трите коалициски партнери. Таму имаме тројца коалициски партнери кои сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме. Дел од анкетите ни покажаа дека спаѓаме во првите три партии на локално ниво и секако локалните избори се избори на личности. Ако се мотивира вистински кандидат, вредно е да размислиме. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кои поднесоа кандидатури. Логично е да одиме со наш кандидат, секој да оди со свој кандидат за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од владејачките партии, изјави Заев.

Деновиве, најави, ќе следуваат разговори, но има и доволно време до изборите, скоро три месеци и нешто повеќе.

„Има време да ги направиме соодветните анализи. Многу е важно да го слушнеме народот, граѓаните, што очекуваат од можните кандидати, што е она што најдобро можеме да им го понудиме зашто така ги зголемуваме и шансите за поголем успех во следните четири години, подвлече Заев.