Заев на работен појадок со амбасадорите на земјите од В4

Премиерот Зоран Заев денеска имаше работен појадок во организација на амбасадорите на земјите од Вишеградската Група (В4) на кој изрази благодарност за нивната силна поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

„Премиерот Заев, на средбата со амбасадорите на Полска. Војчех Тицињски, на Унгарија Ласло Иштван Дукс, на Словачка Хенрик Маркуш, и на Чешка Мирослав Томан, ја изрази благодарноста кон Вишеградската група за силната поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, особено со цврстото застапување на агендата за проширување на ЕУ со земјите од регионот. За време на работниот појадок претседателот на Владата Заев ги нагласи очекувањата од претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан со нивните колеги од Вишеградската Група од кој ќе се реафирмираат заложбите и пораките за поголема динамика на процесот за проширување на ЕУ, информира владината прес-служба.

Посебна тема на денешниот состанок со амбасадорите на земјите од Вишеградската Група беше размената на искуства за менаџирање на Фондот за Западен Балкан, инспириран од соработката со В4, при што е споделена определбата оваа соработка да продолжи и понатаму.

Премиерот Заев и амбасадорите од земјите од В4 за време на работната средба разговараа и за очекувањата од денешниот министерски Совет за општи работи на ЕУ и изразија надеж дека ќе биде постигнато прифатливо решение за деблокирање на евроинтеграцискиот процес за Северна Македонија засновано на предлогот на португалското претседателство со Унијата.