Заев на ФБ: Со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури

LinkSense.mk

„Можноста да разговараме со потпретседателот на САД, Мајк Пенс доаѓа во клучен историски момент за Република Македонија. Од потпретседателот Пенс добивме пораки на охрабрување за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот од Преспа.

„На средбата беше истакнато дека со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури. Со тоа го осигуруваме мирот, стабилноста и просперитетот за нашите граѓани“ напиша премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.

Прес-службата на Владата соопшти дека Пенс на средбата со Заев пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот Договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.

Во текот на разговорот, премиерот Заев рече дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО и дека граѓаните препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел ќе се преточи во протокол за пристапување и процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година.

Столчето во НАТО кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност  уште на почетокот на идната година го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.

„Охрабрени и инспирирани од средбата со потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство, рече премиерот Заев.