Заев: Немаме против локалните избори да бидат на 17 октомври

Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии.

Предлогот, изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради поклопување на термините за кампањата со терминот за одржување на пописот на населението.

„За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат, ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври“, рече Заев.

Тој вели дека на барање на опозицијата се случило и одложување на изборите од септември за втора половина на октомври.

„Со Мицковски кога имавме средба тие побараа одложување на изборите од септември за октомври, договоривме втора половина на октомври, а тоа е 17, 20 и 31 октомври. Јас ги консултирав партиите во државата, начелно сите беа согласни и беше постигнат договор“, истакна Заев, изразувајќи уверување дека низ разговори партиите ќе се
усогласат за датумот за одржување на изборите.

Тој посочи дека одржувањето на изборите по 17 октомври не е противуставно и оти факт за тоа е што одложување или пролонгирање на изборите се случило во 2004, 2005 година, и во 2017 година.

„Не е неуставно, а тоа го потврдува одложувањето на изборите во 2004-та и 2005-та и во 2017-та од пролет на есен, со измена на Законот за изборите каде што се вели дека градоначалниците и советите ги вршат функциите се до избор на нови градоначалници и совети. И тоа е веќе проверено и впрочем е адресирано и пред Уставен суд во постапка во минатото и колку што сум запознаен од правниците од мојот тим и одбиена, затоа што Законот вика избори да се одржат во годината кога се навршуваат
четири години и затоа е дозволено плус мунис 15 дена, пет месеци и теоретски 12 месеци, објасни Заев.

Во врска со набавката на опрема за отпечаток од прст за одржување на локалните избори, тој истакна оти е информиран дека има една фирма која се јавила на повикот и додаде дека за него е важно да се спроведе овој процес, пред се, како што рече, што тоа го бара опозицијата.

 

 

(Фото: МИА)