Заев: Остануваме посветени на европските реформи, без разлика што ЕУ испрати лош сигнал

Прочистување на правосудството, борбата против корупцијата, борба против лажните вести и говорот на омраза и заштитата на животната средина, се дел од 10-те приоритети од инцијативата за европски стандарди дома наречен „Акција 21“ кој денеска пред јавноста го претстави премиерот Зоран Заев.

На прес-конференцијата во Владата, премиерот порача дека без разлика што Европската унија испрати лош сигнал, земјава останува посветена на европските реформи кои следната година ќе продолжат со посилен интензитет.

– Остануваме поветени на истиот стратешки колосек, нема отстапување од стратешките цели кои се поставени едногласно – негување на добрососедските односи, активно учество во НАТО и членство во ЕУ.

Нема да има застој во внатрешните реформи. Ќе се посветиме на градењето европски стандарди, истакна Заев.

Во делот на прочистувањето на правосудството, рече дека моделот е веќе во завршна фаза и оти целиот процес ќе оди постепено и во фази. Ќе се проверува и имотната состојба на судиите.

Во борбата против корупцијата посочи дека заложбите на Владата се потврдиле веќе со побараните одговорности од државни службеници, а најави и заложба за поголема транспаретност на општините. Во делот на заштита на животната средина соопшти дека се одвоени 100 милиони денари за замена на нееколошки системи за грење и обновување на урбаното зеленило.