Заев очекува изнаоѓање решение со новата бугарска влада

Премиерот Зоран Заев очекува во април да биде формирана новата влада на Бугарија и со тоа да продолжат разговорите и да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, бидејќи, како што рече, тоа е интерес за целиот Западен Балкан, на ЕУ, а дефинитивно и интерес на бугарскиот народ.

Одговарајќи на новинарско прашање денеска на прес-конференција за тоа какви се очекувањата по формирањето на новата влада во Бугарија и дали ќе се укине нивното вето за нашето членство во ЕУ, тој потенцира дека е убеден дека ќе се изнајде решение, но повтори дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик, не биле и не може да бидат тема на разговор и преговори.

Заев наведе дека Бугарија во континуитет ги поддржува евроинтеграциите и на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан.

Важно е каква историја денеска пишуваме, важно е што ќе им оставиме на младите, на идните генерации, рече Заев на прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими на која говореа за збирниот ефект од четирите пакети економски мерки.