Заев – Палмер: Македонија има силна поддршка од Вашингтон за членство во НАТО

LinkSense.mk

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, попладневно одржа средба со Вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, соопшти владината прес служба.

Оттаму велат дека на средбата во кабинетот на премиерот Заев, се разговарало за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот Референдум закажан за 30 септември.

„Заеднички беше оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат.

На средбата беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка“ велат оттаму.

Премиерот Заев изрази благодарност за силната поддршка од страна на САД за време на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел кога нашата земја ја доби поканата за започнување на преговорите за членство во НАТО.

Стејт Департментот повеќе пати јасно има изразено силна поддршка кон интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во ЕУ и останува доследен на своите принципи на поддршка.

Двете страни се согласија дека во иднина ќе продолжи и ќе зајакне стратешкото партнерство меѓу Република Македонија и САД.