Заев: Постигнавме договор со ДУИ, во владината коалиција влегува и ДПА (ДПЛ)

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска објави дека денеска е постигнат договор за создавање парламентарно мнозинство, формирање нова влада и за поделба на министерствата со ДУИ. Заев објави исто така дека нивниот денешен договор треба да го потврдат највисоките тела на партиите, денеска и утре.

СДСМ, додаде Заев, договорот ќе го презентира и пред партиите дел од коалицијата „Можеме“, како и пред ДПА, како иден владин партнер.

„Ја прецизиравме и потврдивме рамката за идната соработка меѓу владината коалиција. Меѓу СДСМ и коалицијата „Можеме“ и ДУИ постигнат е коалициски договор за создавње парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на новата влада со полн мандат која во следните четири години ќе работи посветено на интересите на граѓаните и на државата“, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи владата во следните четири години.

Лидерот на СДСМ рече дека особено им било важно постигнување на
брз договор за владина коалиција поради потребата за брзо ставање во
целосна функција на клучните институции во државата, а со цел
справување со здравствените и со сите други предизвици поврзани со
Ковид-19.

Заев претстави дел од принципите на новата Влада, која ќе ја предводи
тој во полн четиригодишен мандат.

Квалитетни, одговорни и отчети кадри ќе бидат предложени од двете страни.

Заев вели тоа се кадри кои се подготвени да ги спроведат во целост програмските определби и принципи на коалицискиот договор.

„Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт. Во владата нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерските места“, рече Заев.

Најави јакнење на стандардот на граѓаните, и врвна желба, како што кажа, платите да продолжат да растат, да се продолжи со странски инвестиции во државата.

„Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа без разлика дали некој доаѓа од партија или од општина, од институција, дали е експерт, функционер познат или непознат“, истакна мандатарот Заев.

Како што кажа, тој и Ахмети се согласиле да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото пари и капитал кај секој функционер по пат на систем што заеднички ќе биде договорен.

Исто така најавува зголемување на отчетноста на сите институции, но и
намалување на привилегиите на функционерите.

Постои коалициска согласност, рече Заев, за заштитата на животната  средина, воздухот, почвите и водите да бидат еден од врвните приоритети од владината програма и истата да се реализира преку мобилизација на сите државни институиции, службеници, студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници.

Исто така ќе работат и на зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.

„Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и оправување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните“, рече Заев.

СДСМ и ДУИ, како што кажа, се согласила приоритетно да ги спроведуваат сите реформи во однос на нашето членство во ЕУ.

„Ќе се укине пржинската влада преку измени во Законот за влада. Ќе се
работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори. Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквлаитетни, подобри и побрзи услуги. Во првите шест месеци ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор којшто Парламентот во претходниот состав веќе ги донесе“, рече мандатарот.

Во Собранието, најави Заев, законите ќе се поднесуваат заеднички  после претходна координација и усогласување при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање на закон со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и на пратениците.

„Овие принцип ќе ги преточиме во заедничка владина програма која во целост ќе го следи патот кој го исцртавме со члнеството во НАТО, а тоа е патот определен низ договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста“, истакна Заев на прес-конференцијата по средбата со Али Ахмети на кое беше објавено постигнувањето договор за владина коалиција.