Заев: Прва блокада од Бугарија на состанокот на КОРЕПЕР

„На состанокот на амбасадорско ниво КОРЕПЕР, на кој се разгледува преговарачката рамка, денеска е прекршен членот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија и ја
имаме првата блокада. Тоа не значи дека шансите се изгубени, следуваат уште два состанока на амбасадорско ниво, по што ќе следи министерскиот состанок (ГАК) на 17 ноември“, изјави денеска премиерот Зоран Заев во одговор на новинарски прашања за ставовите на Бугарија дека нема да даде зелено светло за преговарачката рамка.

„Членот 2 од Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија кажуваат многу прецизно како Бугарија ќе ја поддржи Северна Македонија во нејзините интеграции во Европската Унија. И дефинитивно денеска е прекршен тој член. Ние ништо не прекршивме од Договорот со Бугарија, напротив имплементираме и личности и спремни сме да ги објавиме записниците досега, и навистина ова е прво непријатно чувство што ни се случува, но верувам дека е порака да се забрзаат решенијата на кои се разговара меѓу двете работни групи предводени од министерствата за надворешни работи“, истакна Заев.

Според премиерот тоа е непријателски сигнал и значи оти е блокирана првата фаза во усвојувањето на преговарачката рамка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.

Потсети дека се одвиваат интензивни комуникации меѓу двете земји, посебно меѓу двете Министерства за надворешни работи, изразувајќи уверување дека ќе се изнајде решение.

Повтори оти нема да се склучува нов договор или анекс, туку се работи за појаснување што може да се даде во форма на изјава, писмена или усна, како што рече, со конечна цел да се придвижат работите.

„Ние имаме договор во кој треба да ги искористиме сите оние паметни и перспективни моменти што постојат во него, а тоа е моделот дека имаме дел во нашата историја што ни е заедичка, а дел ни е посебна, да го искористиме моделот на заедничка историја и низ заедничката истрија да ги изнајдеме начините на она што сакаме да го утврдиме. Ако бидеме паметни, она што го потпишавме во 2017 верувам дека ќе биде
одлична можност да се изнајде решение. Историските прашања треба комисиите да ги решаваат, и гледаме дека работат“, оцени Заев.

Потсети дека следниот состанок на Заедничката комисија е закажан за 5 декември, а идната година следуваат уште пет состаноци.

„Убеден сум дека бугарскиот народ му мисли добро на македонскиот народ, и верувам дека бугарската Влада заедно со претседателот Радев на крајот на денот сакаат да помогнат во интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и тоа така ќе се движи. Остануваме посветени пријатели на целиот процес, заради тоа што само пријателството носи прогрес, перспективи и бенефити, за граѓаните и на Северна
Македонија и на Бугарија и верувам дека во тој дух ќе продолжат и разговорите. Верувам дека и со помош на германското претседателствово декември ќе успееме да ја одржиме и првата меѓувладина конференција“, истакна премиерот.