Заев: Раководството на ВМРО-ДПМНЕ е поставено како внатрешен непријател на Северна Македонија и на народот

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ е поставено како внатрешен непријател на Република Северна Македонија и на народот. И додека оваа партија не се реформира – никогаш нема да дозволиме да се врати на власт. А, ние продолжуваме заедно со вас напред, со Најдоброто, порача Заев од вечерашниот централен митинг во Карпош.

-Нивните заложби за „нова иднина“ не се ништо друго освен пуста желба за власт, за враќање на старото режимско минато во кое тие ќе крадат, а други ќе одговараат. Не се одамна тие случувања од режимот на Груевски од којшто беа дел и Христијан Мицкоски и Александар Николовски: за слободна мисла, затвораа новинари и затвораа медиуми, тепаа студенти, отпуштаа од работа; рекетираа фирми, а на оние коишто не го дозволуваа тоа – им ставаа катанци на вратите, сценираа меѓуетнички конфликти, го подриваа соживотот и ја држеа државата во изолација, за да можат непречено да крадат милиони народни пари за себе. Лажеа за некаква федреализација и кантонизација, те за некакви предавства со Преспанскиот договор или со Договорот за добрососедство со Бугарија. И денес се главни креатори на лажни вести, со што го поткопуваат напредокот на Република Северна Македонија, истакна Заев.

Тој посочи дека најдоброто во Карпош е можно со кандидатите за градоначаници на Карпош и Град Скопје, Душко Весковски и Петре Шилегов.

Визијата на Душко Весковски е Карпош да се развие во општина со највисок степен на дигитализација на јавните услуги, со заштита на јавниот интерес, со почитување на приватната сопственост да го забрза економскиот развој на оштината, Карпош да има највисок процент на зелени површини во Скопје и Републиката, да биде со чисти улици по коишто ќе се движат повеќе велосипеди, а помалку автомобили, со развиена социјална и културна инфраструктура, рече Заев, нагласувајќи дека за реализација на своите проевропски идеи ја има целосната поддршка од централно ниво.

Заев истакна дека во општина Карпош досега се реализирани или се во фаза на реализација, низа важни проекти за општината.