Премиерот Зоран Заев утринава пристигна во Брисел за да учествува на првиот Самит на НАТО на кој Македонија првпат, рамноправно, како полноправна земја-членка на Алијансата, ќе расправа и одлучува за развојот на евроатланскиот воен сојуз..
„Ова е прв самит за Северна Македонија како полноправна членка и прв самит за НАТО со 30 земји членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел, а Алијансата ја подобри стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан“, рече веднаш по пристигнувањето Заев, кој ја преводи македонската делегација, во чиј состав се и министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Бујар Османи.
Тој додаде дека Македонија е посветена на изградба на Западен Балкан на 21-от век, како регион на стабилност и просперитет за сите граѓани.
„Тука сме да ја потврдиме нашата обединетост, кохезија и солидарност во справувањето со идните предизвици. Ги делиме истите вредности и стоиме рамо до рамо во Алијансата. Посветени сме на колективната безбедност, посилни сме заедно“, рече премиерот пред почетокот на самитот.
Според најавите, попладнево околу 17 часот Заев ќе оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која ќе стане збор и за претстојниот клучен министерски состанок на Европската унија на кој треба да се донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција, односно формалното започнување на преговорите на земјава со Унијата, што засега сѐ уште е блокирана од Софија.
„Сите средби донеле бенефит. Очекуваме исчекори и подобра иднина за сите наши граѓани. Очекувам дека низ разговори можеме да најдеме решение“, рече Заев, потсетувајќи дека Македонија е кандидат за членство со препорака за почеток на преговори повеќе од 16 години и дека очекува нашиот прв, источен сосед, Бугарија, конечно да даде поддршка за првата меѓувладина конференција.







