Заев – Тегелтија: Политиките на чекање мора да запрат

– Северна Македонија ги поддржува европските аспирации на Босна и Херцеговина и е отворена и подготвена за соработка и размена на искуства на тој план, а политиките на чекање на ЕУ мора да запрат, беше истакнато на средбата во Охрид меѓу премиерот Зоран Заев и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

Владината прес-служба соопшти дека премиерот Заев на средбата се заблагодари што Тегелтија ја прифати поканата да учествува на „Преспа форумот за дијалог“ со што уште еднаш се потврдуваат одличните билатерални односи меѓу двете земји засновани на отворено пријателство, разбирање и заемна поддршка за заедничките интереси.

– Двајцата соговорници на средбата разменија искуства и информации за справувањето со кризата од КОВИД-19, со фокус на имунизацијата и програмите за поддршка на граѓаните за ублажување на социоекономските последици од пандемијата. Во таа насока, Заев и Тегелтија се согласија дека е неопходно колку што е можно поскоро Брисел да го обезбеди ветениот пристап до дополнителните фондови на ЕУ наменети, меѓу другото, и за поддршка на програмите за справување со
корона-кризата, информира прес-службата на Владата.

На средбата беше истакната и заедничката заложба за интензивирање на билатералната и на регионалната соработка со цел подобрување на животниот стандард на народите во регионот.

– Двете земји, истакнаа Заев и Тегелтија, се традиционално поврзани и преку блискоста на народите, а Бошњаците, како составен и витален дел на општеството во Северна Македонија, се силна алка во поврзувањето со Босна и Херцеговина, се наведува во соопштението на Владата.