Заев-Хоти: Меѓувладината седница ќе даде позитивен импулс во односите меѓу двете држави

Северна Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и добра трговска размена, а одржувањето на првата меѓувладина седница ќе биде дополнителен импулс за натамошен развој и интензивирање на меѓусебните односи, оценија премиерите на двете земји Зоран Заев и Авдулах Хоти на заедничка прес-конференција во Скопје.

По тет-а-тет средбата во Владата, двајцата премиери на пресконференцијата изразија надеж дека наскоро ќе се одржи меѓувладината седница на која ќе се разгледаат и потпишат договори меѓу двете држави.

„Нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на автопатот Скопје–косовска граница. Овој автопат е од посебно стратешко значење не само за нашите земји, туку и за целиот наш регион. Доказ за нашите искрени заложби за унапредување на соработката и овозможување слободен проток на лица и стоки е и
големиот чекор што беше направен со отворањето на граничните премини Белановце–Станчиќ“, рече Заев на прес-конференцијата.

Истакна дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и дека трговската размена се одвива слободно без царини согласно ЦЕФТА-Договорот и Договорот за економска соработка помеѓу двете земји.

„Северна Македонија е една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Имено, и во вакви вонредни услови наметнати од КОВИД -19, вкупната трговска размена заклучно со август оваа година е близу 170 милиони евра“, посочи Заев.

Македонскиот премиер го поздрави и Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија кој беше постигнат во Вашингтон и посочи дека македонската Влада дава поддршка за заемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион.

„Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први  притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот без разлика на отворените политички прашања. Следниот петок ќе имам состанок со претседателот Вучиќ и
премиерот Рама каде што една од точките ќе биде токму таа со намера да испратиме и заедничка покана. Ова секако пред се е од интерес на нашите граѓани првенствено за имплементација на четирите слободи на ЕУ во Западниот Балкан, слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со ЕУ. Токму заедничкиот ангажман кој произлегува од самиот регион ќе
претставува силна додадена вредност за нашите европски перспективи и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција–Берлинскиот процес и Регионалниот совет за соработка“, истакна Заев.

Косовскиот премиер Хоти упати честитки до Владата за, како што рече, извонредните резултати што ги постигна, посочувајќи го притоа Договорот со Грција.

„Ви честитам за постигнувањето што го направивте кон европската интеграција и во постигнувањето на регионални иницијативи за коишто ние очекуваме да се придружиме за да работиме заедно кон целосно нормализирање на односите во регионот. Направивте еден долг 30-годишен пат како држава и ние и целиот регион научивме многу од реформите што вие ги преземавте особено во областа на економијата“, истакна Хоти.

Косовскиот премиер ги поздрави и активностите на Владата во однос на изградбата на автопатот до граничниот премин Блаце.

„Исто така, добро е од ваша страна што се разгледа можноста на физибилити студијата за автопатот Тетово–Призрен, сигурно спецификите коишто ги има регионот таму, но треба да ги имаме предвид и нив од стопанските комори. Тие се во тесна координација со економијата овде за интензивирање на соработката, но и за идентификување на пречките коишто ние можеме да ги имаме помеѓу двете земји што се однесување до интензивирање на соработката во однос на економијата“, истакна Хоти.