Средба Заев-Ципрас: Преспанскиот договор ги разувери неверниците

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерите за европски и за економски прашања Никола Димитров и Фатмир Битиќи во Атина остварија средба со поранешниот премиер на Грција и актуелен лидер на политичката партија Сириза, Алексис Ципрас.

Заев и Ципрас изразија задоволство што Договорот од Преспа е силно признаен, препознаен и поддржан од сите чинители во регионот, Европа и пошироко и што на него се гледа како пример за решавање спорови меѓу други држави.

Денес придобивките од Договорот ги препознаваат и политичките чинители кои од различни причини пред три години имаа сомнежи и неверувања, беше нагласено на средбата.

Лидерот на Сириза и поранешен премиер на Грција, Ципрас ја потенцираше силната поддршка за Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската унија и порача дека ќе го вложи целиот сопствен капацитет и капацитетот на неговата партија да ја поддржи Македонија во остварувањето на оваа стратешка цел.

„Унијата треба да испорача кон земјите како Македонија, кои покажаа сериозни резултати на европскиот пат и, со тоа, оневозможија нови националистички и деструктивни политички чинители на Западен Балкан и во Европа“, заклучија Заев и Ципрас.