Заев – Шарец: Поддршка од Словенија за ЕУ и НАТО

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев кој е во официјална посета на Словенија, денеска имаше тет-а-тет средба со словенечкиот премиер Марјан Шарец на која биле потврдени одличните традиционални пријателски односи меѓу двете земји како основа за уште поинтензивна економска соработка.

Делегација на Владата, предводена од премиерот Заев, заедно со сопругата Зорица Заева, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, како и стопанственици, беа пречекани со церемонија со највисоки државни почести од претседателот на Владата на Словенија Марјан Шарец, како дел од програмата на официјалната посета, соопшти владината прес-счужба.

Премиерот Заев го запознал словенечкиот премиер со актуелната политичка ситуација во Република Северна Македонија, која со успешно спроведените избори за претседател на државата и со темпото на реализација реформските процеси, со право го очекува одобрувањето на стартот отворањето на преговорите по поглавја од Европската Комисија.

Во тој правец премиерот Заев истакнал дека за нашата земја ќе биде од особено значење Словенија да продолжи силно да ја поддржува нашата земја помеѓу европските партнери во оваа фаза од пристапувањето на Северна Македонија во членство во НАТО и ЕУ, со оглед на тоа што Словенија има значајно влијание и улога во ЕУ.

На средбата меѓу двајцата премиери биле споделени позитивни очекувања  од заедничкиот Бизнис форум во организација на стопанските комори на Северна Македонија и Словенија.

Според програмата од официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, премиерот Заев ќе има средби и со претседателот на Словенија Борут Пахор и со претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан.