Заев – Џаферовиќ: Северна Македонија и Босна и Херцеговина имаат заедничко минато и определба за заедничка иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја прими делегацијата на Претседателството на Босна и Херцеговина којашто во еднодневна работна посета  на нашата земја ја предводи членот на претседателството Шефик Џаферовиќ.

Премиерот Заев на средбата заедно изрази искрено добредојде за делегацијата на Босна и Херцеговина и истакна дека посетата на членот на Претседателството на оваа земја Шефик Џаферовиќ е резултат на континуитетот и на исклучително позитивните и традиционално блиски односи на двете земји.

Заев и Џаферовиќ на средбата истакнаа дека двете земји ги поврзуваат и заедничките интереси и вредности како што се членството во НАТО и ЕУ, и во таа насока премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена да го сподели со Босна и Херцеговина искуството од пристапниот процес до полноправно членство во Северно-атлантската алијанса.

Премиерот Заев истакна дека е од посебно значење што оваа посета се остварува на денешен ден, на Меѓународниот ден на Бошњаците и го информираше членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Џаферовиќ дека доаѓа од увидот од последната фаза на изградбата на мостот „Цвет на Сребреница“ кој и симболички и реално поврзува две населени места во нашата земја во кои доминантно живеат нашите сонародници од бошњачката заедница заедно со припадници на други заедници од македонската, албанската и други заедници.

На средбата беше потенцирано дека и двете земји препознаваат силни потенцијали за унапредување на економската соработка и изразија подготвеност да продолжат подготовките за воспоставување на авионска линија меѓу Сараево и Скопје кои беа прекинати заради пандемијата и од која се очекува да ја поттикне комуникацијата меѓу двете земји.

Заев и Џаферовиќ на средбата се согласија дека Северна Македонија и Босна и Херцеговина имаат многу блиски врски од минатото и дека имаат заеднички определби и за заедничка иднина.