Заниер загрижен за политичката закоченост

Преку објава на „Твитер“, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер по средбата со претседателот Ѓорге Иванов информира дека меѓуетничките прашања во овој контекст на државата се опасни и контра продуктивни.

„На претседателот Иванов му изразив загриженост за политичката закоченост. Истакнав дека меѓуетничките прашања во овој контекст се опасни и непродуктивни“, напиша Заниер.

Претходно, од кабинетот на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов информираа дека на средбата со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер биле разменети мислења за актуелната состојба во државата и предизвиците со кои се соочува државата предизвикани од политичката, уставната и институционалната криза.

„Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот“, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.