Затајувањето даноци го чини светот 427 милијарди долари годишно

Затајувањето даноци го чини светот околу 427 милијарди долари годишно, покажуваат објавените податоци на невладината мрежа Текс џастис нетворк (Tax Justice Network)

Организацијата посочува дека ова е прва светска студија од ваков вид. Авторите на истражувањето повикуваат на глобална акција против даночните раеви, кои пренасочуваат милијарди долари од земјите, додека тие се борат против пандемијата на коронавирус.

Мрежата, која вклучува група невладини организации, ги провери даночните пријави на мултинационалните компании и податоците кои ги собра Париската организација за економска соработка и развој од 2016 година.

Проучени се и податоците на Банката за меѓународни плаќања од 2018 година.

Државите губат повеќе од 427 милијарди долари годишно поради даночни измами од меѓународни корпорации и даночно затајување од приватни лица, се вели во студијата на мрежата.

Забележано е дека ова е еквивалентно на годишните плати на 34 милиони медицински сестри годишно.

Компаниите сокриле 245 милијарди долари, а 182 милијарди долари се затаени од физички лица.

Мултинационалните корпорации движат профит од 1,38 трилиони долари преку даночни раеви, додека приватни лица инвестирале над 10 трилиони долари во активи во такви места.

Најбогатите региони во светот, Европа и Северна Америка, се најмногу погодени од затајување данок. Кајманските Острови, британска прекуморска територија, се одговорни за најголемата глобална загуба на данок. Се споменуваат и други даночни раеви, како што се Холандија, Луксембург, американската држава Делавер и Хонг Конг.