За две години „изгореа“ 25 милиони евра

Од јануари 2015 до март 2017 година регистрирани се 388 шумски пожари, покажуваат најновите податоци на јавното претпријатие „Македонски шуми“, настанатата штета се проценува на повеќе од една и пол милијарда денари или речиси 25 милиони евра.

На овие штети се надоврзуваат и трошоците за гаснење во износ од нешто повеќе од пет милиони денари или околу 82 илјади евра.

Во пожарите уништени се вкупно 51.422 кубни метри дрва на површина од 9.886 хектари.

Анализите за годинава, заклучно со март, покажуваат дека во земјава се случиле 44 пожари, кои предизвикале штета од 40 милиони денари, или повеќе од 655 илјади евра.

Во нив изгорела површина од 535 хектари, односно 1.355 кубни метри дрвја.

За гаснење на пожарите надлежните пријавиле дека потрошиле над 430 илјади денари.

Споредбено со лани, годинава штетите и трошоците се многу поголеми.

Од јануари до март минатата година имало само 15 пожари, кои предизвикале штета од 316 илјади денари, или околу пет илјади евра.

Количеството дрва што изгореле во тој период лани е „само“ 70 кубни метри.

Годинава, од јануари до април, уништени се 1.355 кубни метри.

Кога ќе се споредат, пак, податоците за 2016 и 2015, статистиката покажува дека покатастрофална била 2015-та.

Лани имало 150 пожари, е годинатра опред неа 194.

Штетата направена во 2016-та изнесува околу 211 милиони денари, односно над три милиони евра, додека во 2015-та таа надминува една милијарда денари, или близу 21 милион евра.

 

Гевгелиската општина најпогодена од пожарите

Според податоците на ЈП „Македонски шуми“ во 2016 година најпогоден од пожарите бил реонот на Гевгелија, каде што била зафатена површина од 1.563 хектари и пеплосани 8.949 кубни метри дрвја.
По неа е Демир Капија, со површина од 215 хектари и количество на изгорени дрва од 950 кубни метри.
Потоа следат реоните на Кичево, Гостивар, Скопје и Делчево.