За еден ден во ковид центрите во Скопје хоспитализирани 19 пациенти

„Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 19 нови пациенти поради компликации од Ковид-19. Вкупно 374 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град“, соопшти Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за Очни болести, на Клиниката за Кожни болести и на Клиниката за Неврологија. Двајца болни се примени на ТБЦ и уште двајца на Клиниката за Нефролигија.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало шест нови приеми на пациенти, а исто толку и на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа, информираат од Министерството, дома се пуштени осум оздравени пациенти.

„Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 17 пациенти, на Клиниката за неврологија 19 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 24 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 16 пациенти, на Клиниката за очни болести осум пациенти, а на ОРЛ седум болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 17 пациенти“, наведуваат во соопштението.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 104 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 128 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 33 пациенти.

Вкупно 374 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Бројот на приеми во изминативе денови, како што посочуваат од Министерството, е намален и утрово до 8 часот имало 130 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

„Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка“, додаваат во соопштението.