Бројот на Ковид-позитивни за една недела зголемен за околу 65%

LinkSense.mk

Во период од една недела бројот на позитивни случаи е зголемен за околу 65 проценти. Засега, Комисијата за заразни болести не препорачува нови мерки, а остануваат да важат актуелните мерки за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, старечките домови и домовите за лица со попреченост.

Во изјава за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ вчера истакна дека со цел да се донесат нови мерки потребно е да се следат и други параметри, како што се болничките капацитети и бројот на починати од дневните КОВИД-статистики.

„Комисијата за заразни болести во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести, а тоа не е само бројката на новозаразени, туку се и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати што се регистрираат согласно дневните Ковид статистики, вели Мехмедовиќ.

Во текот на вчерашниот ден, согласно податоците од Институтот за јавно здравје направени се 1.129 тестови, регистрирани се 355 случаи на КОВИД-19, од кои 89 се реинфекции. Активни се 1474 случаи на коронавирусот.

 

МИА