Рестриктивните мерки продолжени до 27 април

Постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19 остануваат во сила уште една недела.

Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера одлучи тие да се применуваат до 27 април 2021 година.

Останува во сила забраната за движење која почнува од 20 часот, а остануваат затворени кафеаните, кафулињата, како и угостителскиот дел од обложувалниците кои можат да примаат уплати преку наплатен пулт.

Забрана за работа имаат фитнес-салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции.

Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во
основното и средното образование по строго наменски протоколи.

Исклучокот се однесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.

Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20.00 часот, согласно одлуката на Влада за продолжување на одлуката за забрана на движење на населението, заклучно до 27 април 2021 година.

Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје во изминатава недела регистрира намалување од 24,3 отсто на бројот на позитиви случаи на КОВИД-19 во земјава.

Намалување има и кај бројот на смртни случаи, пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, што е за 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела.

Процентот на позитивни случаи од вкупно тестирани се движи од 15,3 до 27,9 отсто или во просек 22,6 отсто.

Доминантен сој кај примероците што се земени од заразените е британскиот.

Од Главниот координативен кризен штаб пред два дена најавија дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање, ќе биде разгледана можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.