Зголемени водостоите на сите реки и на Охридското Езеро

LinkSense.mk

Зголемени се водостоите на сите реки во земјава и на Охридското Езеро, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Најголемо зголемување во споредба со вчера има реката Сатеска на мерното место кај Ботун каде нивото е за 8,5 пати поголемо од вчерашното. Значајно зголемување на водостојот имаат и реките Треска кај Македонски Брод со повисоко ниво за 79 сантиметри, Вардар кај Јегуновце со повисок водостој од 54 сантиметри и Црн Дрим кај Ложани со зголемување од 36 сантиметри. Најмало зголемување на нивото од само еден сантиметар во споредба со вчера има Црна Река кај Р.Б.Мост.

За еден сантиметар е зголемен и водостојот на Охридското Езеро, додека нивоата на другите две природни езера се исти како вчера. Со тоа водостојот на Охридското Езеро е за пет сантиметри повисок од просекот за ноември. Повисоко од просечното и тоа за 1,63 метри е и нивото на Дојранското Езеро, додека водостојот на Преспанското Езеро е за 1,89 метри понизок од повеќегодишниот просек за овој период од годината и е на 17 сантиметри под апсолутно појавениот минимум од 841,91 метар надморска висина.