Здравев: „Самостојноста и независноста на судската власт е наша заедничка цел“

По повод Денот на судството, претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Киро Здравев денеска упати честитка до судиите, судските службеници и сите вработени во судската власт, посакувајќи им добро здравје и успех во понатамошната работа.

Во честитката Здравев им се заблагодарува на судиите, судските службеници и сите вработени во судската власт кои, како што вели, останаа истрајни во овие тешки денови за граѓаните на нашата држава и за човештвото во целина и покажаа дека може да одговорат на секој предизвик.

Нашата заедничка цел е „Обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт“ преку непристрасно применување на правото, неселективна правда, заштита на човековите права и основни слободи, еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основи и обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото, стои во честитката која ја упати Здравев во свое лично име и во име на од членовите на Судскиот совет.