Ако немате автобус, возете се со такси
Како оди нудење и примање мито? Не знаете? Е како така, кога сите знаат. Така вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека му нуделе мито за да помине тендерот за пругата кон Бугарија. Не кажа кој и како сакал да го поткупи, ама рече: „Знаеме како оди тоа преку канали“.
Како тоа знаеме? Сите знаеме, оти секој ден нудиме мито и ни нудат мито? Или знаат само тие што се партиски лидери и партиски директори на државни фирми? Кој не знае, нека се јави кај премиерот, ем даскал, па нека нѐ образува „како оди тоа преку канали“.
Од Обвинителството велат дека не добиле пријава оти некој сакал да го поткупи премиерот. Така што, сега би требало да отворат истрага по допрен глас. А, ако Мицкоски не соработува со нив да го гонат за попречување на правдата. Или да го држат одговорен за јавно изречениот збор, па да го гонат за лажна пријава.
Арно ама, бидејќи тој е премиер нема што да пријавува во Обвинителство. Па вели: „Јас одлучив со јавност да се борам со криминалот и корупцијата, и затоа ја дадов таа изјава и тоа е пораката дека времето за криминалците во политиката заврши“.
Оти, да пријавиш криминал во обвинителство не е доволно јавно. А не е ни некоја борба. Со изјави на прес-конференција ќе се бори.
2Веројатно и овие секојдневни прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ за хулахопките и мечето на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се дел од таа борба против корупцијата со помош на јавноста. Ќе си наддаваат двете партии, што е поскапо, вечерата и изнајмениот стан во Виена на поранешната министерка на која авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот, или картата за бизнис класа во авион за Америка на премиерот кого го болат колената. Оти, немаме институции што треба со тоа да се занимаваат, па на прес-конференции ќе се вадат сметките од јајца од потполошка. Еве, објавија дека на таа вмровската директорка на која СДСМ пред пет-шест години ѝ ги вадеше сметките со јајцата од потполошка, сега пак ѝ дале функција. Ама вашите хулахопки се поскапи од нашите јајца.
И Зоран Заев кога беше премиер помпезно претставуваше план за борба против корупцијата. Дури и позиција вицепремиер за борба против корупција постави, па со Љупчо Николовски во март 2021 на прес-конференција ги повикуваа граѓаните да пријават корупција, исто како што сега Мицкоски ќе отвара посебна линија за пријавување корупција. Заев најавуваше дека секоја државна институција ќе има лице за прием на пријави од укажувачи. Љупчо Николовски, на првата прес-конференција во септември 2020, велеше дека „ништо нема да им фали на функционерите ако не користат службена картичка“, а Мицкоски сега ги предупредува неговите дека ако крадат ќе го срамат и него лично, ама и организацијата.
Така што, еве ние не знаеме „како оди тоа“ со нудење и примање мито. Ама многу добро знаеме „како оди тоа“ со борбата против корупција. Прво, ќе се занимаваш со тоа што правела претходната власт. После, евентуално ќе фатиш некој и од своите. Па после баш ќе ти биде гајле и ќе товариш што може повеќе додека дојдат нови избори. Така некако оди борбата против корупцијата и во „вашите“ и во „нашите редови“.
3Мицкоски секој ден излегува на телевизија и ни кажува „ќе победиме“, „ќе се исправиме“, „ќе се бориме“, „видете што ни оставија“, „утре ќе кажеме, задутре ќе кажеме, утре ќе направиме, задутре ќе направиме“, уште го „боли и пече Северна пред Македонија“… Уште го турка инерцијата од погонот што го движеше претходните седум години додека беше опозиција.
Кого ќе победите? Победивте.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК