Зоран Заев е мандатар за состав на владата

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска на Зоран Заев му го врачи мандатот за состав на Влада на Република Македонија.

Мандатот е доделен откако се отстранети пречките односно се обезбедени гаранциите што ги бараше шефот на државата за зачувување на унитарноста на државата и почитување на Уставот.

„Пречките за сотав на владата се отстранети. Денеска пристапуваме кон исполнување на член од Уставот за определување на мандатар за соостав на владата“, рече претседателот Иванов во кусото обраќање до јавноста.

Зоран Заев се заблагодари и посочи дека се отстранети двете пречки за доделување на мандатот.

„Во име на формираното парламентарно мнозинство прво гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и унапредување на животот на сите граѓани без оглед на религиска, етничка и јазична припадност, почитување на основните демократски принципи и владеење на правото не доведувајќи ја Македонија во состојба на потчинетост, истакна Заев.

Новиот мандатар Зоран Заев, според Уставот, во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.

Владата на предлог на мандаторот и врз основа на програмата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Актуелното парламентарно мнозинство во 120-членото Собрание има поддршка од 67 пратеници на коалицијата предводена од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците.