Зоран Заев се сретна со рускиот амбасадор во Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнево имаше средба со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак.

На средбата се разговарало за потребата од брза разврска на политичката криза со цел Македонија што поскоро да добие влада, којашто ќе се посвети на клучните прашања за граѓаните и развој на државата.

„СДСМ работи на обезбедување парламентарно мнозинство со цел формирање стабилна влада, којашто ќе зафати со сите потребни реформски процеси за да обезбеди добра иднина за граѓаните и за Македонија“, истакнал Заев на средбата.

Патем Заев го информирал амбасадорот Шлербак дека СДСМ е определена кон решавање на сите прашања од интерес за граѓаните преку почитување на Уставот и законите, наспроти сегашната пракса на Ѓорге Иванов и на власта во заминување, поради коишто земјата стана хибриден режим.

На средбата било посочено дека политичките субјекти во Македонија преку своите потписи на Договорот од Пржино ја изразиле својата подготвеност за напредок на Македонија низ реформски процеси и сега било потребно сите партии да ја покажат својата совесност и да го овозможат демократскиот развој на Македонија.