Зошто се објавуваат вестите за Филан

Гледам некои луѓе ги буни тоа што медиумите со голем интерес известуваат за апсењето на Филан Митрев во Германија и негодуваат дека тоа било незгодно, или непријатно, зашто (најверојатно) тој е син на познатиот македонски кардиохирург Жан Митрев, и речиси сигурно, тоа ги повредува неговите чувства, па би сакал да потсетам на некои елементарни работи за медиумите и вестите.

Дека некој млад човек со македонско потекло е уапсен во Германија, според сите новинарски правила и критериуми, е вест. Дека е уапсен затоа што станал член на озлогласената терористичка организација ИСИС е – поголема вест, или вест со поголема „тежина“. Дека е упасен додека подготвувал терористички напад, купувал експлозиви и хемикалии, а можеби подготвувал и самоубиствен напад, е „топ-вест“, речиси сензационална. Дека тој млад човек е син на славен и богат македонски кардиохирург е ЖЕШКА СТОРИЈА. Дека тој кардиохирург де факто се откажува од својот син, вели дека тој сам си го уништил животот, а се му било пружено, е – ДРАМА. Драма, која како што велат англичаните speaks volumes, (раскажува томови) за парадоксите, трагиката и болеста на светот во кој живееме. Драма од какви што сериозни интелектуалци, како Фром, Фројд, Андерс, Сјоран и кој не, понираат длабоко во анализи и потрага по одговорите на тешките прашања што го мачат светот и векот, а талентирани писатели пишуваат сценарија за филмови „базирани на вистинити настани“, кои ја потресуваат публиката, освојуваат „лавови“, мечки“, и „оскари“ и го обликуваат нашето поимање на светот во кој живееме.

Со оглед на ова кажано погоре, би сакал уште да потсетам на најелементарната улога и функција на медиумите, имено и најкратка – да објавуваат вести! Добри или лоши, убави или грди, не е во нивна моќ да бираат. Оти тогаш би се претвориле во козметичари на стварноста, а не во нејзино огледало.

Би им порачал на брзоплетите критичари, ако светот понекогаш им изгледа грд, нефер или неправичен, да не го кршат огледалото. Познато е дека тоа носи несреќа.

П.С. А еве за што се зборува „романот Филан“, што се одмоткува пред наши очи:

За кризата на семејствата на современиот човек
За мрачната страна и високата цена на фанатичната трка по професионален успех
За родителството како нерешлива загатка во услови на отуѓеност
За немоќта на парите пред дезориентацијата, емотивна и идеолошка, во комплексниот и контроверзен современ свет
За моќта на фундапменталистичкото заведување
За психолошката изгубеност на генерации бомбардирани со насилство, политика и криминал
За замките на патот во потрагата по метафизичка смисла
За очајот, насилството и суицидот како средство за политичка борба
За кршливоста на човекот….

Жарко Јорданоски

Извор: Слободен печат